Милитантни палестински групи испукаа ракети кон Ерусалин од Газа, а Израел возврати со напад на палестинска крајбрежна енклава во најновата ескалација помеѓу двете страни. Министерството за здравство на Палестина објави дека девет луѓе загинале во израелските воздушни напади.
Водачите на Хамас се заканија со напади откако стотици Палестинци беа повредени во денешните судири со израелската полиција пред џамијата Ал-Акса во Источен Ерусалим. Тоа се најжестоките инциденти во градот во изминатите неколку години.
Ракетите беа испукани неколку минути откако истече ултиматумот на Хамас за повлекување на израелските безбедносни сили од стариот дел на градот во кој што се наоѓаат џамијата Ал-Акса и населбата Шеик Џара. Хамас го упати ултиматумот откако над 300 Палестинци беа повредени во судирите пред Ал-Акса, на денот кога Израел го одбележува Денот на Ерусалим, посветен на преземањето на Источен Ерусалим во 1967 година. Во судирите се повредени и 21 полицаец.
Израелската полиција во последен момент ја промени рутата на контроверзниот марш на еврејските ултранационалисти, кој требаше да помине низ муслимански делови од Источен Ерусалим.