Основниот кривичен суд денеска го прифати предлогот на Обвинителството за организиран криминал и корупција да му биде одредена мерка притвор од 30 дена на поранешниот премиер Никола Груевски, како првообвинет во случајот со плацевите на Водно, за кој претходно денеска беше поднесено обвинение. Како што соопштија од судот, определена е мерка притвор од пронаоѓање, односно лишување од слобода за Груевски.
Ова е шесто решение за притвор за Груевски, кој од ноември 2018 година е избеган во Унгарија, каде што доби азил и е недостапен за македонското судство. За него судот има решенија за притвор за пет претходни предмети каде што е обвинет, вклучително и за „Талир“ за незаконско финансирање со милионски суми на партијата ВМРО-ДПМНЕ.
Во случајот со плацевите на Водно, Груевски е обвинет за кривичното дело Противправно стекнување и прикривање имот. На бизнисменот Орце Камчев, кој во овој случај е обвинет за кривичното дело Перење пари и други приноси од казниво дело, судот денеска му го продолжи притворот за нови 30 дена.
М. ИЛИОСКИ