Израелската војска ги засили своите напади на Газа, додека палестинските милитанти продолжија да го гаѓаат Израел со ракети на петтиот ден од обновените непријателства.
Војската кажа дека во нападите се вклучени и копнените сили, но тие дејствуваат од Израел и засега немаат влезено во Газа. Израел од вчера трупа војска на границата со Газа и мобилизираше 9.000 резервисти, пред можна копнена инвазија.
„Копнена офанзива засега не е покрената. Нашите трупи ја бомбардираат Газа од израелската страна на границата“, кратко информираше портпарол на армијата.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека воената кампања ќе потрае, додавајќи дека на Хамас мора да му се нанесат силни загуби пред какво било примирје.
„Подготвени сме да му одржиме груби лекции на Израел доколку се реши на копнена инвазија“, се закани военото крило на Хамас.
Од почетокот на насилствата во понеделникот, загинаа најмалку 109 луѓе во Газа, од кои 28 деца, како и седуммина Израелци. Хамас и Исламски џихад потврдија вкупно 20 жртви во своите редови.
За тоа време, министерот за одбрана Бени Ганц нареди масовно засилување на безбедносните сили за да се запрат уличните нереди во израелските градови, што властите ги оценуваат како уште поголема закана за државата.