Граничниот премин Евзони на грчко-македонската граница сè уште е затворен и не се пропуштаат возилата накај Грција, иако беше најавено и од грчка и од македонската страна дека денеска ќе биде отворен. Неофицијално, грчката полиција сè уште нема добиено протокол како да ги пропушта возилата, па на граничниот премин се направи редица од возила кои чекаат на влез во Грција.
Во редицата имаше најмногу македонски и српски возила. Дел се откажаа од чекање и се вратија назад. Српските возила тргнаа за Бугарија, бидејќи таму за нив е отворена границата, додека Македонците ќе почекаат да се отвори граничниот премин Евзони.
„Грција од утре го отвора граничниот премин Евзони за сите граѓани на Македонија кои имаат негативен ПЦР тест, писмен доказ за примени две дози вакцина против ковид-19 или позитивен резултат за антитела“, соопшти премиерот Зоран Заев по вчерашната средба со грчкиот колега Константин Мицотакис во Атина.
Од денеска, 14 мај почнува и туристичката сезона и ќе се дозволи влез и на странски туристи. Грција ги признава сите вакцини против ковид-19, а не само оние одобрени од Европската агенција за лекови (ЕМА). Според здравствените протоколи што ги усвои земјата, објавени на веб страницата на грчкото Министерство за надворешни работи, на граница ќе се признаваат и сертификатите за вакцинирање со руските и кинеските вакцини, кои сè уште не се одобрени за користење во Европска Унија. Грчките туристички власти објавија дека негативен ПЦР тест нема да се бара од туристите кои се имунизирани со вакцина на „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“, „АстраЗенека“, „Новавакс“, „Џонсон и Џонсон“, „Синовак“, „Кансино бајолоџикс“, „Синофарм“ или „Гамалеја“ (спутник).
В. ТРАЈКОВ