ЦЕЛО СЕЛО ДОБРОШТЕ СЕ ГРИЖИ ЗА МЕЧКИТЕ ОД ШАР ПЛАНИНA, ПОСТАВИ И ПУНКТОВИ ДА ИМ СЕ ОСТАВА ХРАНА

    ЦЕЛО СЕЛО ДОБРОШТЕ СЕ ГРИЖИ ЗА МЕЧКИТЕ ОД ШАР ПЛАНИНA, ПОСТАВИ И ПУНКТОВИ ДА ИМ СЕ ОСТАВА ХРАНАМечките ги научија местата и почнаа редовно да доаѓаат на хранилиштата. (Фото: Shari bear)

    Во очекување Шар Планина конечно да биде прогласена за национален парк, жителите на тетовското село Доброште повеќе години самоиницијативно се грижат за природата, а посебно за мечките, кои во овој дел од планината имаат посебен третман.

    Сè започнало пред петнаесетина години, кога Ифран Селими со своите пријатели почнале да им носат храна на мечките, кои живееле во планината веднаш над селото.

    „Ние се грижиме за мечките и, пред сè, им носиме храна. Во почетокот овчарите негодуваа и велеа дека така ги привлекуваме повеќе да доаѓаат, но набрзо увидоа дека кога ги храниме мечките, тие се помирни и не ги напаѓаат стадата овци. Потоа некои се бунеа за тоа кој ни дал право да ги храниме мечките, па затоа формиравме и здружение, „Shari bear“, чија цел е токму ова, да се грижи за мечките. Низ планината имаме поставено шест пунктови каде што им оставаме храна, најмногу пченка и јаболка. Редовно им оставаме по четириесетина килограми јаболка. Мечките ги научија местата и почнаа редовно да доаѓаат на хранилиштата. Но, почнаа да доаѓаат и диви свињи, па моравме овие хранилишта да ги модернизираме така што поставивме механизам кој пушта храна во одреден период од денот. Мечките многу брзо и тоа го научија и доаѓаат секогаш на време. А, кога има доволно храна, владее и мир меѓу животните, па честопати сме виделе како мечките и дивите свињи заедно јадат на хранилиштето. Во друг случај, мечките сигурно би ги нападнале. Поставивме и шест видеокамери кои ги снимаат мечките на хранилиштата. Така имаме увид во нивните состојба и бројност. Овие снимки ги поставуваме на нашата фејсбук страница и се многу гледани. Кога ќе почне сезоната за лов, престануваме да ги храниме мечките за да не се групираат“, вели Селими, претседател на „Shari bear“.

    Шест видеокамери ги снимаат мечките на хранилиштата и така се има увид во нивните состојба и бројност. (Фото: Shari bear)

    Здружението има десетмина членови кои активно работат, но добива поддршка од сите жители на Доброште, од кои голем дел исто така се негови членови.

    Порано на Шар Планина имало многу мечки, но неконтролираниот лов го доведе во прашање нивниот опстанок. Во 1996 година мечките беа заштитени со закон и беше забранет нивниот лов. Во 2001 и неколку години потоа, кога државата не можеше да воспостави поцрвста контрола на овој терен, се засили криволовот на мечките и нивниот број многу беше намален.

    „Во 2001 и потоа, многу мечки на Шар Планина беа убиени. Дури последниве неколку години, откако зајакна контролата, многу е намален бројот на убиените мечки. Законот ги стави под заштита, па ако убиеш мечка, може да добиеш три до шест години затвор и до 10.000 евра казна. Но, и покрај ова, имаше случаи мечка да биде убиена. Имаше скоро еден случај кај село Јелошник, кога мечка беше фатена во бесправно поставена стапица за диви свињи. Мечката угина, а тој што ја постави стапицата, се извлече само со казна за поставената стапица, а не и за убиството на мечката. На потегот од Јелошник до Беловиште изброивме 12 мечки. Оваа година чекаме да видиме дали ќе се појави некоја нова женка со млади мечиња“, продолжува Селими.

    Мечките знаат понекогаш да влезат во некој пчеларник и да направат штета. Тогаш пчеларите се бунат и бараат мечката што ја направила штетата да се отепа. Селими и на ова има одговор.

    „Сите знаат колку тие сакаат мед. Ги советувам пчеларите да постават електрична ограда, таа чини 200 евра. Некои пчелари послушаа и поставија електрична ограда и веќе немаат никакви проблеми со мечките“, појаснува Селими.

    Здружението „Shari bear“ ја поздравува иницијативата Шар Планина да биде прогласена за национален парк. Веруваат дека така ќе се зголеми грижата, не само за мечките, туку и за целата планина. Сепак, малку се скептични дали државата ќе има доволно средства за тој национален парк да работи според сите стандарди.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира