ПРЕСЕЧЕН МЕЃУНАРОДЕН КАНАЛ ЗА ШВЕРЦ НА МАРИХУАНА КОЈ ОД АЛБАНИЈА МИНУВАЛ ПРЕКУ ГАЛИЧИЦА

    ПРЕСЕЧЕН МЕЃУНАРОДЕН КАНАЛ ЗА ШВЕРЦ НА МАРИХУАНА КОЈ ОД АЛБАНИЈА МИНУВАЛ ПРЕКУ ГАЛИЧИЦАПолицијата заплени 65 килограми дрога кај тројца албански државјани (Фото: СДК.МК)

    Полицијата пресече меѓународен канал за транспорт на наркотични дроги од Албанија, кој минувал низ Македонија, а крајна дестинација била Грција. Одделот за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога, во заедничка акција со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Единицата за брзо распоредување и ресенската полиција пронашла и одзела 65 килограми марихуана во вредност од 200.000 евра.

    Вчера во утринските часови, на регионалниот пат Трпејца-Стење преку Галичица биле сопрени две патнички возила марка „мерцедес“ со албански регистарски ознаки, кои учествувале во транспортот на дрогата. При извршен преглед на возилата, биле пронајдени и одземени три големи торби со марихуана, спакувана во 44 пакувања.

    Приведени се тројца албански државјани, а по налог на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Ресен, дрогата е предадена на вештачење, при што било утврдено дека станува збор за вкупно 65 килограми марихуана. Против трите лица ќе биде поднесена кривична пријава.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира