ОДИМЕ ДА СЕ НАДИГРУВАМЕ, КАЖА СЕЛЕКТОРОТ АНГЕЛОВСКИ ОТКАКО ГИ ИЗБРА ФУДБАЛЕРИТЕ ЗА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВО

    ОДИМЕ ДА СЕ НАДИГРУВАМЕ, КАЖА СЕЛЕКТОРОТ АНГЕЛОВСКИ ОТКАКО ГИ ИЗБРА ФУДБАЛЕРИТЕ ЗА ЕВРОПСКОТО ПРВЕНСТВОГоран Пандев дочека да ја предводи репрезентацијата на едно големо натпреварување (Фото: СДК.МК)

    Селекторот Игор Ангеловски ги избра 26-темина фудбалери кои ќе бидат дел од историскиот настап на Македонија на претстојното Европско првенство, што од 11 јуни ќе се игра во 11 држави. Од стандардните недостига единствено Илија Несторовски, кој неодамна оперираше колено и нема да игра до крајот на годината.

    Тројцата голмани се Столе Димитриевски, Дамјан Шишковски и Ристе Јанков, а за место во одбраната ќе конкурираат Висар Муслиу, Егзон Бејтулаи, Кире Ристевски, Стефан Ристовски, Дарко Велковски, Ѓоко Зајков и Езѓан Алиоски.

    Избраниците за среден ред се Енис Барди, Аријан Адеми, Бобан Николов, Стефан Спировски, Елиф Елмас, Тихомир Костадинов, Даниел Аврамовски, Марјан Радески, Ферхан Хасани и Дарко Чурлинов, а напаѓачи се Горан Пандев, Иван Тричковски, Милан Ристовски, Александар Трајковски, Крсте Велкоски и Влатко Стојановски.

    „Ристовски, Чурлинов и Јанков се нашата иднина, затоа се на списокот. Жалам за отсуството на Несторовски, со нас е пет години и вредно работеше со сите нас да се пласираме на Европското првенство. Сепак, верувам во останатите играчи и дека без проблем ќе го надополнат неговото отсуство. Одиме со желба за надигрување и ќе грабнеме секоја шанса за позитивен резултат и пласман во втората фаза“, изјави Ангеловски.

    Македонија ќе дебитира на 13 јуни, против Австрија во Букурешт, а во групата се уште Украина и Холандија.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира