СРПСКИТЕ ТУРИСТИ ЌЕ ПЛАЌААТ ПАТАРИНА ДО ОХРИД, ПОДАРОКОТ ВАЖИ САМО ЗА ПАТ ДО ГРЦИЈА

    СРПСКИТЕ ТУРИСТИ ЌЕ ПЛАЌААТ ПАТАРИНА ДО ОХРИД, ПОДАРОКОТ ВАЖИ САМО ЗА ПАТ ДО ГРЦИЈАПатарината Отовица на автопатот „Пријателство“. (архивска фотографија)

    Од плаќање патарина летово ќе бидат ослободени само српските туристи кои одат за Грција, бидејќи подарокот од македонската влада како благодарност за донираните вакцини ќе важи за коридорот 10, од граничниот премин Табановце на српската граница до граничниот премин Богородица на грчката граница.

    Останатите српски државјани, кои ќе одат во Охрид, преку автопатот Скопје-Гостивар, или во Дојран, преку автопатот Скопје-Штип, нема да можат да го користат подарокот од македонската влада.

    На четирите патарини кон Гостивар не ни има уреди за електронско минување со претплатничка картичка, додека кон Штип – има.

    Владата на вчерашната седница донесе одлука да се изработат 200.000 електронски картички за плаќање патарина за српските туристи и тие ќе им бидат давани на влез во Македонија на Табановце. На електронските картички ќе има 760 денари, колку што чинат патарините на автопатот од Табановце до Богородица, кажа денеска владиниот портпарол Душко Арсовски. Изработката на една картичка ќе чини 100 денари.

    Вкупно, владата предвиде 172 милиони денари (2,8 милиони евра) за набавка на овие 200 илјади М-Смарт картички за електронско плаќање патарина. Ќе ги изработи Јавното претпријатие за државни патишта.

    Ослободувањето од плаќање патарина ќе трае од 15 јуни до 15 август. Србија донираше 8 илјади вакцини на „Фајзер“ во февруари, а потоа во април уште 40 илјади вакцини „Спутник“. Исто така, во Србија се вакцинираа над 15 илјади македонски граѓани.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира