ЗБОРУВАВМЕ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ И ВО ЈУНИ 2018 И ВО ЈУНИ 2019 И ВО ОКТОМВРИ 2019 И ВО МАРТ 2020, НО НАШЕ Е ДА НЕ ДИГАМЕ РАЦЕ, КАЖА ДИМИТРОВ ПО СРЕДБАТА СО РОТ

    ЗБОРУВАВМЕ ЗА ПОЧЕТОК НА ПРЕГОВОРИТЕ И ВО ЈУНИ 2018 И ВО ЈУНИ 2019 И ВО ОКТОМВРИ 2019 И ВО МАРТ 2020, НО НАШЕ Е ДА НЕ ДИГАМЕ РАЦЕ, КАЖА ДИМИТРОВ ПО СРЕДБАТА СО РОТ„Нема прашање, проблем меѓу два соседа што може да се реши на тој начин што едниот ќе биде губитник, а другиот победник. Мора двата соседа да бидат победници“, вели Димитров. (Фото: Јутјуб/принтскрин)

    Вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров вели дека не треба да се создаваат големи очекувања, но дека португалскиот предлог е добра основа за конечно решение на спорот со Бугарија и почеток на преговорите со ЕУ.

    На заедничката прес-конференција по средбата со германскиот министер за Европа Михаел Рот денеска во Скопје, Димитров рече дека неколку пати изминативе три години веќе има зборувано за почеток на преговорите и сега има предизвик на менаџира со очекувањата, но од друга страна смета дека Македонија и Бугарија треба да ја искористат оваа шанса за заедничка европска иднина.

    „Дојде предлог од португалското претседателство што од наша страна беше оценет како основа за конечно решение. Мислам дека на сите ни е јасно денес колку е голем влогот, но истовремено имам предизвик од една страна да се менаџира со очекувањата, бидејќи неколку пати веќе имаме зборувано и во јуни 2018 и во јуни 2019 и во октомври 2019 и во март минатата година, кога беше дадено зеленото светло, но наше е да не дигаме раце, да се обидеме, без притоа да создадеме некои преголеми очекувања. Треба да работиме на резултат, а не на подигнување на очекувањата. Не можам да зборувам многу детално за разговорите, бидејќи во овој момент фокусот е во дипломатските разговори. Но, се возобновува дијалогот и мислам дека македонско-бугарското пријателство и заедничката европска иднина треба да ја искористи оваа шанса“, кажа Димитров.

    Вицепремиерот вели дека одолговлекувањето на оваа состојба е лоша за сите и од сите прави губитници, и од Северна Македонија и од Бугарија и од регионот и од Европската унија, но верува дека ако на прашањето му се пријде со добра волја може да се направи пресврт и сите да излезат како победници.

    „Нема прашање, проблем меѓу два соседа што може да се реши на тој начин што едниот ќе биде губитник, а другиот победник. Мора двата соседа да бидат победници. И мислам дека ова е возможно, затоа што статус квото прави од нас губитници и многу од хероите за кои се разговара на заедничката комисија ако нè гледаат некаде од небото, мислам дека ги правиме исклучително несреќни“, рече Димитров.

    Рот рече дека има шанса уште во јуни да се дојде до решение прифатено од сите засегнати страни. Тој кажа и дека нема проблем меѓу ЕУ и Македонија, туку има билатерален проблем и тој билатерален проблем треба да се реши меѓу двете земји и ако притоа тие можат да помогнат, ќе го направат тоа.

    „Португалското претседателство со ЕУ активно работи на вакво решение. Ние од Германија го поддржуваме колку што можеме и се надевам ќе имате трпение. Важни се и реформите и тоа е мојата порака до Владата овде. Потребни се болни реформи за владеење на право, борба против корупција и непотизам. Тие не се подарок за Брисел и за Берлин тие се во интерес на самата земја“, рече Рот.

    Одлуката за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Македонија треба да ја донесе Европскиот совет на состанокот на 24-25 јуни. За ова ќе се разговара и на Советот на министри за надворешни работи на 22 јуни.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира