Учебната година во основното образование нема да заврши и децата нема да добијат свидетелства доколку наставниците не добијат надоместоци за прекувременото работење во пандемијата. Ова денеска на прес-конференција го најави претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделковски тврдејќи дека поголем број општини низ земјава не исплатиле плус пари на наставниците, а кои им следуваат.
„За време на пандемијата наставниците работа повеќе односно бројот на часови за настава им беше зголемен бидејќи децата беа поделени во две групи. За жал власта и институциите не го препознаа зголемениот обем на работа на наставниците и не исплатија додатоци. Од Министерството за образование велат дека имаат префрлено средства за оваа намена на општините, а од таму велат дека нема пари. Истото се случува и во градинките, каде воспитувачите и негувателите се принудени да работат по 8 часа. Доколку до први јуни надоместоците не бидат пресметани во платата учебната година нема да заврши“, рече Неделковски.
Тој кажа дека во одредени општини и училишта исплатени се надоместоците, но повеќето не ја почитуваат оваа законска обврска.
Поради пандемијата на ковид-19 цела учебна година наставата во основните и средните училишта се одвива онлајн. Со физичко присуство е дозволена настава само за ученици до трето одделение, при што во една група не смее да има повеќе од 15 деца.
А. АНТЕВСКА