Башар ал-Асад доби 95% гласови на претседателските избори во Сирија, освојувајќи го четвртиот мандат. Тој имаше двајца противкандидати, кои освоија 1,5%, односно 3,3% гласови.
Сириската опозиција ги нарече изборите фарса, додека САД и европските земји кажаа дека не биле ни слободни, ни фер.
„Мислењето на западот го множам со нула“, изјави Асад.
Сирија гласаше по десетгодишната крвава војна, во која загинаа најмалку 388.000 луѓе, а половина од населението беше принудено да ги напушти своите домови, од кои шест милиони избегаа во странство. Изборите се одржаа во областите кои се под контрола на владата и во амбасадите на Сирија низ светот.
Педесет и петгодишниот Асад дојде на власт во 2000, по смртта на неговиот татко Хафез, кој пак владееше со земјата повеќе од четврт век. Последните избори се одржаа во 2014, и покрај жестоките борби низ земјата и војната оттогаш се одвиваше главно во полза на владејачкиот режим.