„РЕКОРД“ ЌЕ БИДЕ ПЕШАЧКА ЗОНА ВО 2023, ПАРАЛЕЛНО СО ВОВЕДУВАЊЕТО НА БРЗ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВ

    „РЕКОРД“ ЌЕ БИДЕ ПЕШАЧКА ЗОНА ВО 2023, ПАРАЛЕЛНО СО ВОВЕДУВАЊЕТО НА БРЗ АВТОБУСКИ ПРЕВОЗ, ВЕЛИ ШИЛЕГОВСо затворање на центарот пешачка зона ќе биде потегот од Стара железничка станица до Бит пазар. (Фото: Град Скопје)

    Центарот на Скопје ќе биде затворен за возила кон крајот на 2023 година. Градоначалникот Петре Шилегов уште во август 2019 најави дека „Рекорд“ односно потегот од Собрание до ТЦ „Палома Бјанка“ ќе биде затворен за сообраќај и ќе биде дозволено движење само на возила од јавниот превоз. Сега вели дека овој проект ќе се реализира паралелно со воведувањето на брзиот автобуски превоз или Бас рапид транзит системот (БРТ), за кој постапките се во тек и до крајот на 2023 треба да биде пуштена првата линија од Ѓорче Петров до Ново Лисиче.

    „Градот ќе влезе со целосно затворање на Мал ринг со воведувањето на брзиот автобуски превоз. Ќе биде дозволено движење само на возила од јавниот превоз, останатите ќе се движат по сообраќајниците на Големиот ринг, за што ќе биде изготвен нов сообраќаен режим. Мораме да одиме паралелно, треба да им дадеме алтернативен начин за движење на граѓаните, па да го затвориме центарот за возила. Очекувам до крај на 2023 тоа да се имплементира, по што Скопје ќе стане град со најголема пешачка зона во Европа. Тогаш пешачка зона ќе биде потегот од Стара железничка станица до Бит пазар“, вели градоначалникот Шилегов.

    Град Скопје на 21 април потпиша договор за заем од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за воведување на брз автобуски превоз или трамвајот на тркала за две линии, и тоа од Ѓорче Петров до Ново Лисиче и од Бутел до Кисела Вода. Проектот за првата траса од Ѓорче Петров до Ново Лисиче е готов и одобрен од експертите на ЕБОР, кои во текот на месец јуни ќе го презентираат на јавноста.

    „Кон крајот на јуни ќе биде распишан и тендерот за набавка на возилата, изградбата на депоата и делницата каде ќе се движи трамвајот на тркала. Ќе има 21 автобуска станица, ќе бидат од затворен тип односно нема да може да се влезе во нив ако не се поништи билетот. На станицата кај Железничката станица во Скопје ќе има топла врска односно патниците кои дошле со воз во Скопје ќе имаат затворен пристап до станицата“, вели Шилегов.

    Со воведувањето на брзиот автобуски превоз ќе бидат укинати постојните линии односно автобуси нема да се движат на трасата каде каде ќе минуваат новите возила. Шилегов вели дека тендерот за проектирање нови линии на автобусите од јавниот превоз е завршен и неделава ќе биде потпишан договорот со фирма од Израел.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира