Долж улицата Рузвелтова на потегот од крстосницата со Илинденска до Орце Николов засадено е ново зеленило во рамките на пролетната акција за зазеленување на градот. Покрај зеленилото изведени се велосипедска и пешачка патека, со што тротоарите во овој дел се ослободени од возила.
„Пред две години почнавме со замена на дрвјата на почетокот на Рузвелтова, на оние исечени диви костени, а сега целосно е обновен дрворедот со црвени јавори кои се автентични растенија за скопската котлина. Полека се движиме од Малиот ринг кон периферијата на градот со овој начин на уредување на јавниот простор. Овде на Рузвелтова за првпат имаме одделен велосипедски и пешачки сообраќај за да овозможиме и алтернативен пристап до Зоолошката градина којашто е една од најпосетените институции во нашиот град“, рече градоначалникот Петре Шилегов.
Во рамките на пролетната акција низ Скопје ќе бидат засадени 8.000 нови висококвалитетни дрвја, како и декоративно зеленило.