Регионот на Азот е околината на село Богомила и бројни други кои се наоѓаат во срцето на Македонија во еколошки чиста средина и недопрена природна убавина. Во круг од стотина километри нема индустриски капацитет. Можност за ноќевање, меѓу другите, се планинарските домови во Папрадиште и Чеплес и манастирските конаци во Ореше, Согле и Теово, каде храната мора да ја носите со себе.
Домот во Папрадиште е на 1.060 метри надморска височина, има капацитет од 70 легла и од Богомила е оддалечен осум километри со асфалтиран пат. Во мијачкото село на падините од Јакупица може да се посети црквата „Св. Петар и Павле“, дело на Андреја Дамјанов, каде има фрески и икони од Папрадишки и Зографски.
Планинарскиот дом Чеплес е на надморска височина од 1.435 метри и има 70 легла, купатило, тоалет и кујна. До него можете да дојдете со возило или пешки од Папрадиште по земјен пат. Од овие два дома можат да се посетат изворите и водопадите на Бабуна или врвот Солунска Глава, висок 2.540 метри. До него се стигнува за два часа одење од Чеплес. Неодминлива дестинација е и Бабина Дупка, место создадено за одмор, со поглед на Азот, а се посетуваат и истоимената пештера или соседната Марина Рупа. Тие се мета на странци.
„За викенди, домот е полн со гости, не само од земјава. Пролетва имавме посетители од Венецуела, Канада, Полска и други европски држави. Намалувањето на бројот на случаи на коронавирус придонесе луѓето да излезат од дома и да прошетаат во природа. Посетителите во овој период берат лековити билки или се на риболов на планинските реки“, вели Емил Смилев од еколошката група „Зелена сила“, која стопанисува со домот во Папрадиште.
Во Богомила, посетете ги спомен-куќата на Петар Поп Арсов, еден од основачите на ВМРО и стариот Камен мост, за кој мештаните тврдат дека е од римско време.
За љубителите на манастирскиот туризам, во Теово е комплексот „Св. Архангел Михаил“, каде можете и да преноќите, исто како и во Согле во црквата „Св. Богородица“, изградена во средината на 19. век. Последните години голема посетеност има и манастирот „Св. Ѓорѓија“ во село Ореше на 1.100 метри надморска височина, чии конаци имаат сместување за 50 гости.
„Пријатно сме изненадени од тоа што го доживеавме на Јакупица. Ќе мора повторно да дојдеме. Остана уште многу да се види. Највредно е што е така блиску до Скопје, се стигнува за два часа, а пределот делува недопрен од човекот“, вели семејството Јовановски.
Потенцијал за развој на туризмот се и малку искористените, но одлично опремени домови во селата Ореов Дол и Мокрени. Сите овие објекти се лоцирани во атрактивни предели на Јакупица, Даутица и Бабуна, а амбиентот го дополнуваат реките Бабуна и Тополка во нивниот горен тек, каде се планински. Одлична е и сообраќајната поврзаност, бидејќи безмалку до секаде водат асфалтирани патишта, има струја и вода. Ако се решите да минете викенд во Азот моторизирани, наполнете го резервоарот во Велес, потоа нема бензинска пумпа.
П. ПЕЧКОВ