НИТУ ЕДНА ДИВОГРАДБА НЕ Е УРНАТА ВО СТРУГА ОД 2011 ДО 2020, ОПШТИНАТА ИМА САМО ЕДЕН ГРАДЕЖЕН ИНСПЕКТОР

    НИТУ ЕДНА ДИВОГРАДБА НЕ Е УРНАТА ВО СТРУГА ОД 2011 ДО 2020, ОПШТИНАТА ИМА САМО ЕДЕН ГРАДЕЖЕН ИНСПЕКТОРРевизорите утврдиле дека при спроведување на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект не се почитувале законски предвидените рокови, а биле создадени и услови за изградба на нови објекти без одобрение за градба.(Фото: СДК.МК)

    Општина Струга да ги спроведе барањата утврдени во Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, да започне со отстранување на бесправно изградените објекти, да го ажурира регистарот на дивоградби, да обезбеди спроведување на законите за да се спречи нелегално градење, како и да обезбеди кадровско зајакнување на Секторот за инспекциски надзор со градежни инспектори. Ова се само дел од препораките на Државниот завод за ревизија нотирани во најновиот Извештај за усогласеност во спроведувањето на Законот за постапување со бесправно изградени објекти.

    Во наодите од ревизорскиот извештај за Струга стои дека во периодот од 2011 до 2020 година нема ниту едно отстранување на бесправно изграден објект.

    Во последните години во Струга има само еден градежен инспектор, а од минатата година примен бил уште еден помлад градежен инспектор.

    Ревизорите утврдиле дека при спроведување на постапките за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект не се почитувале законски предвидените рокови, а биле создадени и услови за изградба на нови објекти без одобрение за градба.

    Во Општина Струга ревизијата констатирала дека од поднесени 10.723 барања за легализација, за 5.417 барања немало податоци за намена на објектите, додека за 4.879 барања немало податоци за местоположбата на објектот.

    „Во пропишаниот начин на водење на евиденцијата, нема податоци кои се однесуваат на локација, на метри квадратни на бесправно изградениот објект кој е предмет на легализација со што би се утврдила и реалноста на очекуваните приходи во буџетот на Општината, податоци за статусот на барањето, за бројот на барања за кој е започната постапка, до која фаза се барањата, која е причината што постапката е прекината, одбиена и што треба да се преземе понатаму. Исто така констатиравме дека не се пропишани критериуми за начинот на распределба на предметите на лицата овластени за водење на постапката за утврдување на правен статус на бесправно изградените објекти. Имајќи предвид дека регистарот не ги содржи наведените податоци, се создаваат потешкотии во обезбедување на целосна и комплетна евиденција за состојбата и бројот на сите бесправно изградени објекти кои би се стекнале со статус на легален објект на ниво на општина, како и на ниво на цела држава“, стои во дел од извештајот.

    До денот на ревизијата одбиени биле 4.040 барања за регулирање на правниот статус на бесправно изградени објекти, кои согласно Законот за регулирање на правниот статус на бесправно изградените објекти и Законот за градење треба да бидат отстранети.

    Ревизорите побарале и водење на електронска форма на Регистарот за поднесени барања за утврдување на правен статус на бесправни објекти, а за оние предмети кај кои биле констатирани недостатоци и незаконитости во постапките да се постапи согласно законските прописи.

    Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, рече дека општината била отворена и транспарентна во делот на приложување на целокупната документација и посочи дека ќе постапи согласно препораките на државните ревизори.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира