Бугарија ќе направи своја сопствена црна листа на поединци и компании поврзани со тројцата Бугари и 64-те субјекти на кои САД им изрекоа санкции поради корупција, со цел државата да нема никаква соработка со нив, објави привремената влада.
Оваа недела, Америка ги замрзна средствата на поранешниот пратеник и медиумски могул Делјан Пеевски, владиниот функционер Илко Желјазков и на избеганиот коцкарски тајкун Васил Божков и им го блокираше пристапот до својот финансиски систем.
Техничката влада, која ќе ја води земјата до вонредните избори на 11 јули, објави дека ќе формира посебна група која ќе идентификува поединци и компании поврзани со лицата кои се најдоа под американски санкции. Во оваа група ќе влезат експерти од министерствата за финансии и внатрешни работи, како и даночни службеници и разузнавачи.
Државните служби и компании ќе мора да ги прекинат сите врски со оние што ќе се најдат на листата.
„Државните структури и компании мора да ги запрат сите трансакции со луѓето кои се најдоа на црната листа на САД, како и со нивните соработници, инаку и самите ќе се најдат на таа листа“, изјави министерот за финансии Асен Василев.
Мнозинството Бугари, кои лани секојдневно протестираа против сеприсутната корупција во земјата, ги поздравија американските санкции и веруваат дека тоа конечно ќе ја охрабри државата да почне акција против високата корупција.