Дино паркот во рамките на скопската Зоолошка градина секој ден е полн со посетители. Вчера имало над 6.000 гости не само од земјавата туку и од Србија и Косово. Со тоа за само една недела од отворањето паркот го посетиле 25.000 лица.
Иако во паркот е забрането посетителите да се качуваат на динасаурусите и местата каде тие се поставени се оградени со јажиња, сепак голем број не ги почитуваат правилата. Не само децата, туку и возрасните влегуваат во забранетиот дел и се качуваат на карпите за да бидат поблиску за сликање до динасаурусите. Децата ги јаваат реквизитите, ги влечат за опаш и за заби диносаурусите, во устата им ставаат камчиња и зеленило.
Вработените во Дино паркот велат дека иако има редари бидејќи секој ден има многу посетители не можат да ги контролираат сите.
„Апелираме до сите посетители да се почитуваат правилата на однесување, за да не се оштетат реквизитите и паркот уште долго време да биде атракција во Скопје. Изминатава недела има голем интерес, вчера имавме и организирани тури со автобуси од Србија и Косово, што покажува дека бевме во право кога најавивме дека Дино паркот ќе биде регионална туристичка атракција“, велат од Зоолошката градина.
Дино паркот беше пуштен во употреба на 29 мај. Има 41 диносаурус во природна големина. Диносаурусите се движат и испуштаат звуци.
Влезот во Дино паркот е 50 денари.
А. АНТЕВСКА