Претседателот на Судскиот совет на Република Македонија Зоран Караџовски се пожали на притисоци врз судската бранша, за кои тој вели дека почнале по неговата изјава за петте судијки кои биле повикани на разговор во Специјалнотo јавно обвинителство.
Караџовски изјави дека е недозволиво какво било влијание врз судските процеси, кои треба да бидат заштитетни од медиумски притисок.
„Правиме обид да го зачуваме сопствениот интегритет како судии и интегритетот на професијата, затоа што се прават обиди за оцрнување на нашиот општествен углед. Апелираме сите да се воздржат од тоа“, рече Караџовски на денешната прес-конференција.
Претседателот на Судскиот совет на почетокот на прес-конференцијата рече дека биле поканети и амбасадори на странски земји, но ниту еден од нив не се појавил. Поканети беа амбасадорите на Италија, Франција, Германија, Британија, САД и Шефот на Делегацијата на Европската Унија.
Одговарајќи на новинарски прашања, претседателот на Судскиот совет рече дека досега не почувствувале потреба да го кажат ова и дека судството во Македонија е независно и нема никакви спреги меѓу владејачката партија и судиите. Караџовски додаде дека и претхоно имало притисоци, но дека тие не биле толку изразени.
На прашањата за негов коментар за вчерашното однесување на раководството на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), кое одби да спроведе судска одлука, Караџовски рече дека тоа е проблем на тој што одбил и дека постојат постапки соодветни за таква ситуација.
На прашањето, пак, дали како и една од неговите претходнички и тој се јавува кај поранешниот премиер Никола Груевски за да го инфомира за секое слободно место, Караџовски на почетокот не сакаше да одговори, но потоа рече дека не се јавувал никаде.