ДОЖДОТ ПАК ПРЕДИЗВИКА ПОПЛАВИ ВО БИТОЛА, ОШТЕТИ И КОЛОВОЗИ

    ДОЖДОТ ПАК ПРЕДИЗВИКА ПОПЛАВИ ВО БИТОЛА, ОШТЕТИ И КОЛОВОЗИВо населбата Баир надојдената вода оштети делови од асфалтот, создавајќи дупки по коловозите. (Фото: СДК.МК)

    Поројните дождови кои ја зафатија Битола вчера доцна попладне оштетија коловози, затнаа шахти, а надојдената вода поплави дворови, куќи и продавници. Една од најкритичните точки беше населбата Баир, каде и претходно при невреме реки течеле низ улиците. Овој пат надојдената вода оштети делови од асфалтот, создавајќи дупки по коловозите.

    „И прeтходно реки течеле од горните улици кога врнеше пороен дожд, затоа имаме поставено дрвена ограда пред дуќанот, водата да не навлез внатре. Но, овој пат имаше толку многу вода што ништо не ја запре и ни влезе во дуќанот, ни предизвика проблем со електричната струја“ велат сопственици на дуќан на улица Илинденска.

    Во познатото битолско Арнаут Маало колите пливаа во вода низ улиците, а вработените во дуќаните со метли и тврди предмети создаваа прегради за водата да не им влезе во просториите.

    „Поради поројните дождови на некои места имаше оштетување на коловозите и веќе се санирани. И на сите места каде имаше затнување на канализацијата се отстранети дефектите. Со пумпи се испумпува водата по пријави на граѓани, екипите останаа на терен“, велат од Јавното претпријатие „Нискоградба“.

    Од Општина Битола соопштија дека се работи за поплавени улици на кои инфраструктурно не било делувано со децении и дека ќе се преземат мерки да не се повторува состојбата.

    „Локалната самоуправа ќе преземе конкретни мерки во поддршка на семејствата по оваа состојба, но истовремено со следните програми и планови ќе реализира конкретни инфраструктурни проекти и на овие локации, со цел ваквите појави во општината да станат минато“, соопштија од Општината.

    Поради обилни врнежи на дожд поплавени коловози во Битола имаше во истото време лани кога надојдената вода, посебно во пониските делови од градот, не можеше да ја прими атмосферската канализација и дел од улиците, дворовите, визбите и гаражите се поплавија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира