НЕ МОЖЕМЕ ПРОТИВ СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ, ГРАЃАНИТЕ САМОВОЛНО ДАРУВААТ КРВ ЗА БЛИСКИ, НО ТАКА СПАСУВААТ И ДРУГ ЖИВОТ, ВЕЛАТ ДОКТОРИТЕ ОД ТРАНСФУЗИОЛОГИЈА

    НЕ МОЖЕМЕ ПРОТИВ СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ, ГРАЃАНИТЕ САМОВОЛНО ДАРУВААТ КРВ ЗА БЛИСКИ, НО ТАКА СПАСУВААТ И ДРУГ ЖИВОТ, ВЕЛАТ ДОКТОРИТЕ ОД ТРАНСФУЗИОЛОГИЈАДоц.д-р Радица Грубовиќ-Растворцева, економскиот директор Венко Стомнароски и прим.д-р Горан Андонов од Институтот за трансфузиологија. (Фото: К. Попов)

    Паниката и социјалните мрежи се ризици во нашата работа, не можеме да ги спречиме ни предвидиме, но важно е дека земјава има одлична резерва на крв и ниту еден пациент не бил вратен, велат докторите од Институтот за трансфузиона медицина (ИТМ).

    Со нив разговаравме за реакции од граѓани дека деновиве им било побарано да даруваат крв за итна интервенција на нивни блиски роднини, за тоа дека хирурзите велат дека атмосферата е тензична во хируршките сали, како и за тоа дека на социјалните мрежи често знаат да се споделуваат апели дека некому е потребна крв.

    Прим. д-р Горан Андонов, раководител на Одделението за организација, планирање и реализација на крводарителство на Институтот, вели дека е успех за нив што во време на пандемија успеале да соберат 45.000 крвни единици, иако е помал процент од планираниот.

    Крводарителски акции имаат секој ден, согласно годишен план, 800 се планирани годишно.

    „Земјите во регионот имаат проблем со недостиг на крв, но ние не се соочивме со такво нешто“, вели д-р Андонов. (Фото: К. Попов)

    „Имаме одлична резерва на крв, јас не сакам да откривам бројки, но е со 4 цифри. Не сме загрозени, но не можеме да ја спречиме моќта на социјалните мрежи. Доаѓаат кај нас луѓето самоволно, нервозни слушнале, прочитале дека се бара крв, не знаат дали треба тромбоцити, дали треба крвна плазма. Им велиме кој ви кажа и тие : ‘Медицинската сестра, хирургот’. Па ќе даруваат, па сакаат да ја земат, па не сме им ја давале. Се случува во одреден момент некоја крвна група да недостасува, но ние се координираме на ниво на цела Македонија и ги повикуваме дарителите“, ни рече д-р Андонов.

    Како стивна ковид пандемијата и се отворија хируршките сали со редовните програми, се зголеми и бројот на операции и потреба од крв и од граѓани кои даруваат крв за семејствата.

    „Ние упорно им кажуваме дека не мораат, но ако сакаат да даруваат и нивната крв ќе се искористи и за друг живот да биде спасен“, додава докторот.

    Економскиот директор на ИТМ, Венко Стомнароски вели дека на почетокот на ковид пандемијата имале потешкотии со психолошката подготвеност на луѓето и стравот да не бидат заразени преку иглите, но дека со лични примери, со примери на политичари, амбасадори, доктори, народот се охрабрувал постепено и се донирале крвни единици.

    „Во екот на пандемијата наидовме на нови крводарители“, додава тој.

    Д-р Андонов вели дека лично оделе во општините, Министерство за одбрана, Министерството за внатрешни рабори, во верските заедници, од сите барале поддршка и усепале да соберат големи единици крв.

    „Земјите во регионот имаат проблем со недостиг на крв, но ние не се соочивме со такво нешто. Годинава почнавме малку подобро, луѓето се охрабрија видоа дека не е ништо страшно. Остана проблемот со тоа што не се одеше во школо и на факултет со физичко присуство, оти друга ситуација е кога одат сите во школо, друга е мотивацијата. Од друга страна, голем број граѓани прележаа ковид-19, се вакцинираат и не знаат дали смеат да даруваат крв“, појаснува д-р Андонов.

    „Во екот на пандемијата наидовме на нови крводарители“, вели економскиот дирекор. (Фото: К. Попов)

    Лицата кои примиле вакцина против ковид-19 може да даруваат крв од 48 часа до 28 дена по втората доза, во зависност од вакцината којашто ја примиле, вели доц. д-р Радица Грубовиќ-Растворцева, раководител на Институтот за трансфузиона медицина – Скопје и претседател на Здружението на трансфузиолози на Македонија. Така на пример, лицата вакцинирани со „Фајзер“, можат да бидат крводарители после 48 часа до 7 дена од ревакцината (во зависност од состојбата), а пак оние кои примиле „АстраЗенека“, „спутник“ и кинеските вакцини, може да даруваат крв после 4 недели.

    Лицата кои прележале ковид-19, може да даруваат крв еден месец по прележувањето на болеста.

    Тимот од Институтот вели дека нивна цел е да регрутираат млади, бидејќи просечната возраст на крводарителите е 45 години, а сакаат да биде 25-30 години, бидејќи тоа се лица без здравствени проблеми.

    „Крводарителството е привилегија на здравиот човек“, заклучува д-р Андонов.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира