ВАКЦИНИРАНИТЕ ПРОТИВ КОВИД-19 МОЖЕ ДА ДАРУВААТ КРВ ОД 48 ЧАСА ДО 28 ДЕНА ПО ВТОРАТА ДОЗА, ВЕЛИ Д-Р РАДИЦА ГРУБОВИЌ-РАСТВОРЦЕВА

    ВАКЦИНИРАНИТЕ ПРОТИВ КОВИД-19 МОЖЕ ДА ДАРУВААТ КРВ ОД 48 ЧАСА ДО 28 ДЕНА ПО ВТОРАТА ДОЗА, ВЕЛИ Д-Р РАДИЦА ГРУБОВИЌ-РАСТВОРЦЕВАЛицата кои прележале ковид-19, може да даруваат крв еден месец по прележувањето на болеста. - Од вчерашното дарување крв на Институтот за трансфузиологија. (Фото: К. Попов)

    Лицата кои примиле вакцина против ковид-19 може да даруваат крв од 48 часа до 28 дена по втората доза, во зависност од вакцината којашто ја примиле, вели доц. д-р Радица Грубовиќ-Растворцева, раководител на Институтот за трансфузиона медицина – Скопје и претседател на Здружението на трансфузиолози на Македонија. Така на пример, лицата вакцинирани со „Фајзер“, можат да бидат крводарители после 48 часа до 7 дена од ревакцината (во зависност од состојбата), а пак оние кои примиле „АстраЗенека“, „спутник“ и кинеските вакцини, може да даруваат крв после 4 недели.

    Лицата кои прележале ковид-19, може да даруваат крв еден месец по прележувањето на болеста.

     

    „Јас бев горда што иако бројот на крводарители беше намален во однос на претходната година, сите побарувања за крв и крвни компоненти беа задоволени од наша страна“, вели докторката. (Фото: Приватна архива)

    Ажурираните критериуми за избор на дарители на крв, тромбоцитен концентрат и конвалесцентна плазма после вакцинација против ковид-19 во Институтот за трансфузиона медицина на РСМ се следниве:

    •  Ако вакцините се базираат на мРНА технологија („Фајзер/Бионтек“, „Модерна“ „КјурВак) Се одложува дарувањето за 48 часа по вакцинирањето поради можна појава на локални симптоми на местото на аплицирање на вакцината (болка, црвенило, чешање, оток…) Одложување на дарувањето за 7 дена од прекин на симптомите во случај на несакани ефекти од вакцината (замор, главоболка, болки во мускулите, треска, болки во зглобовите, гадење, лимфаденопатија…)
    •  Ако вакцините се базираат на технологија на аденовирусен вектор („АстраЗенека/Оксфорд“, „Џонсон и Џонсон/Јансен“, „спутник“) и инактивирани вируси „Синовак“, „Синофарм“, одложувањето на дарувањето е 4 недели по вакцинацијата.
    • Ако лицата не знаат со која вакцина биле вакцинирани : дарувањето се одлага за 4 недели по вакцинацијата.

    Доц. д-р Грубовиќ-Растворцева вели дека иако повеќе од една година работат во услови на пандемија, секогаш побарувањата за крв и крвни компоненти беа задоволени.

    „Ние сме членови во големи светски трансфузиолошки форуми, и можам да кажам дека високо развиени држави што се многу понапред од нас имаа големи кризи со крводарителството. Јас бев горда што иако бројот на крводарители беше намален во однос на претходната година, сите побарувања за крв и крвни компоненти беа задоволени од наша страна. Нема пациент кој не бил услужен.   Со почетокот на пандемијата почнавме и со колекционирање на ковид-19 конвалесцентна плазма и започна третманот на пациентите болни од ковид-19. Потврдена терапија за ковид-19 сѐуште нема и конвалесцентната плазма е единствената терапија која се покажа ефикасна кај поголем број пациенти. Целиот наш здравствен систем, вклучувајќи ги и здравствените работници, е многу оптоварен бидејќи повеќе од една година работиме во услови на пандемија, но сметам дека успешно се справивме со предизвиците“, ни изјави докторката.

    Нема пациент кој не бил услужен, вели перосналот од Институтот за трансфузиона медицина. (Фото: К. Попов)

    Критериуми за избор за дарители на конвалесцентна плазма после вакцинацијапротив ковид-19 се:

    •  Лица кои примиле вакцина против ковид-19 и немале ковид-19, не можат да даруваат конвалесцентна плазма.
    •  Лица кои имале ковид-19 и примиле вакцина ковид-19 можат да даруваат конвалесцентна плазма (со валидно задоцнување, во зависност од видот на вакцината).

    Во однос на дарувањето на конвалесцентната плазма за лекување на болни од ковид-19, доц. д-р Грубовиќ-Растворцева вели дека се надеваат на стивнување на пандемијата, но дека се спремни за предизвиците кои ги наметнува пандемијата.

    „ Ние сѐ уште работиме, но според потребите. Не правиме големи залихи, затоа што се надеваме дека пандемијата ќе заврши и дека ќе почнеме нормално да живееме. Но САРС-КоВ-2 вирусот е непредвидлив и можни се и нови бранови и нови мутации и ние сме спремни да се справиме со сите предизвици“, вели докторката.

    „Крвта е највредното нешто што еден човек може да му подари на другиот и е највисок чин на алтруизам“, вели доц. д-р Грубовиќ-Растворцева. (Фото: К. Попов)

    На 14 јуни ќе се слави Светскиот ден на крводарители и доц. д-р Грубовиќ-Растворцева вели дека е многу благодарна на сите дарители на крв, на конвалесцентна плазма и на аферезни тромбоцити.

    „Голема благодарност до сите наши крводарители на полна крв, тромбоцити и конвалесцентна плазма за големата хуманост, алтруизам, за постојана поддршка и желба да им се помогне на болните, на повредените секогаш, а посебно во овие тешки времиња. Крвта е највредното нешто што еден човек може да му подари на другиот и е највисок чин на алтруизам. Ја користам оваа прилика да ги поканам редовните крводарители да продолжат со крводарувањето и ги поканувам потенцијалните крводарители да се приклучат во ова хумано семејство бидејќи само на тој начин ќе можеме да си помогнеме едни на други“, вели докторката.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира