Презакажаното Европско фудбалско првенство стартува вечерва во Рим, кога од 21 часот Италија ќе се сретне со Турција, што градоначалничката Вирџинија Раџи го опиша како симбол на нов почеток.
Андреа Бочели ќе ја пее аријата од Пучини, „Nessun Dorma“, пред почетокот на средбата на Олимпискиот стадион, додека во центарот на градот ќе се отвори „фудбалско село“ на Пјаца дел Пополо, кое ќе може да прими 1.680 луѓе, со што ќе биде најголемата фан зона за време на првенството.
УЕФА дозволи мечевите да се играат пред публика и се очекува просечната исполнетост на трибините да се движи меѓу 22% и 45%. Вечерашниот натпревар во Рим би требало да се игра пред околу 16.000 гледачи.
Од денеска до финалето на „Вембли“ на 11 јули, првенството ќе се одржува низ целиот континент, во 11 држави.
„Една година го чекавме ова првенство и едвај чекаме да слушнеме 15.000 навивачи како ја пеат химната во еден глас. Фудбал со навивачи на трибините е сосема различен спорт“, изјави дефанзивецот на Италија, Леонардо Бонучи.
Од сите навивачи ќе се бара да приложат доказ дека се вакцинирани против ковид-19, дека ја прележале болеста во претходните шест месеци или негативен ПЦР тест не постар од 48 часа.
Македонија е еден од двата дебитанта на ова првенство, покрај Финска, а својот прв меч ќе го има в недела, против Австрија во Букурешт (18 часот).