НА ПРАВ ПАТ СМЕ ДА ПРАВИМЕ И ТРАНСПЛАНТАЦИИ НА ЦРН ДРОБ, ВЕЛИ НАЦИОНАЛНАТА КООРДИНАТОРКА Д-Р МОЈСОВА-МИЈОВСКА

    НА ПРАВ ПАТ СМЕ ДА ПРАВИМЕ И ТРАНСПЛАНТАЦИИ НА ЦРН ДРОБ, ВЕЛИ НАЦИОНАЛНАТА КООРДИНАТОРКА Д-Р МОЈСОВА-МИЈОВСКАД-р Јовев, д-р Мојсова-Мијовска и министерот Филипче информираа за трансплантациите на срце и бубрези. (Фото: К. Попов)

    На прав пат сме да го држиме континуитетот со трансплантациите и се надеваме дека наскоро ќе можеме да направиме и трансплантација на црн дроб заедно со екипите од абдоминална хирургија и гастроентерохепатологија, рече денеска националната координаторка за трансплантација, д-р Маја Мојсова-Мијовска.

    „На прав пат сме и ќе го држиме тој правец“, додаде таа.

    Д-р Мојсова-Мијовска, министерот за здравство Венко Филипче и директорот на Клиниката за кардиохирургија д-р Сашко Јовев попладневно информираа дека ноќеска и во текот на денот завршија трансплантациите на срце и на бубрези од 44-годишната пациентка која вчера беше дијагностицирана со мозочна смрт.

    Примател на срцето е 51-годишен пациент, кој како што рече Филипче, немал друга алтернатива, имал срцева слабост која значајно го отежнувала неговото нормално функционирање. Тој е на интензивна нега и пред него се денови на борба. Бубрезите беа трансплатирани кај пациенти на 23 и 30 години.

    „Изразувам огромна благодарност до семејството. Треба да се свесни дека со нивниот чин спасија живот и подобрија живот на други лица. Семејствата се сѐ посвесни за тоа какво добро дело прават“, кажа Филипче.

    Министерот и д-р Мојсова-Мијовска се заблагодарија и на медиумите за влијанието кое го направија изминатиов период за подигнување на свеста на органодарителството.

    Во изминатата година се трансплантирани четири срца и 10 бубрези. Направена е и прва експлантација и трансплантација на коски и коскени ткива.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира