Не планираме рестрикции оти не гледаме никаков ризик од ширење на индискиот сој во земјава, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче. Министерот во саботата кажа дека досега се регистрирани двајца пациенти заболени од индискиот сој на коронавирус, но и дека епидемиолошките анкети покажале оти нема поголем ризик и потреба од дополнителни мерки. Првиот заболен беше откриен во јуни, а претходно престојувал во Ирак, а вториот случај е негов колега, кој се враќал со истиот лет, но подоцна пројавил симптоми.
„Пациентите од Ирак безбедно стигнаа во нашата земја со ист авион во Скопје и немаа контакт со други луѓе. Вториот пациент малку подоцна ги почувствувал симптомите. Будно ја следиме ситуацијата и епидемиолошката состојба, не само кај нас, туку и во околните земји. Ако детектираме дека има ризик од заразување во ноќните клубови и локалите, тогаш повторно ќе воведеме посебни мерки “, рече Филипче на настан во Црвениот крст по повод Светскиот ден на крводарителството, 14 јуни.
Филипче говореше дека сите истражувања покажуваат оти индискиот сој е поразаен, но дека сите вакцини се ефикасни и оти го намалуваат ризикот од хоспитализација и смртни случаи.
Во земјава, додаде тој, досега се вакцинирани 240 илјади граѓани , од кои 200 илјади се ревакцинирани и оти неделава на располагање има 15 илјади вакцини.
Б. НЕСТОРОСКА