Бугарија си остана на зборот и не го тргна ветото за почеток на пристапните преговори на Македонија со Европската унија на денешниот состанок на Советот за општи работи на ЕУ. Бугарското Министерство за надворешни работи соопшти дека ја потврдиле својата позиција на состанокот, но дека остануваат отворени за дијалог за време на претстојното Словенечко претседателство со Европскиот совет за наоѓање на заемно прифатливи решенија.
Според соопштението на бугарското МНР, од Македонија се бара „да се откаже од територијални, малцински и историски претензии кон Бугарија“ и „да ги рехaбилитира бугарските жртви на југословенскиот комунизам“.
„Тоа вклучува изрично откажување на Република Северна Македонија од територијални, малцински и историски претензии кон Бугарија, промена на натписи/споменици кои влеваат омраза кон Бугарија во Република Северна Македонија, активирање на процес на рехабилитација на жртвите на југословенскиот комунизам, репресирани поради бугарското самоопределување. Независно од нашиот билатерален дијалог со Република Северна Македонија, Бугарија инсистира на тоа дека спроведувањето на Договорот за добрососедство од страна на Република Северна Македонија треба да биде вклучено во условите во идната рамка за преговори за пристап на Скопје во ЕУ “, се вели во соопштението на бугарското МНР.
Бугарија дала зелено светло за Албанија да ги почне пристапните преговори со ЕУ. Конечната одлука околу почетокот на преговорите со ЕУ ја носи Советот на ЕУ, кој ќе се одржи на 24-25 јуни.