ГЕРМАНИЈА ДОНИРАШЕ ФРИЖИДЕР ЗА КОСКЕНАТА БАНКА, ОД ПОЧЕТОКОТ НА ПАНДЕМИЈАТА ГО ПОМОГНА МАКЕДОНСКОТО ЗДРАВСТВО СО 1,45 МИЛИОНИ ЕВРА

    ГЕРМАНИЈА ДОНИРАШЕ ФРИЖИДЕР ЗА КОСКЕНАТА БАНКА, ОД ПОЧЕТОКОТ НА ПАНДЕМИЈАТА ГО ПОМОГНА МАКЕДОНСКОТО ЗДРАВСТВО СО 1,45 МИЛИОНИ ЕВРАМинистерот Филипче, д-р Мојсова-Мијовска, д-р Трајановски и германската амбасадорка Холштајн ја претставија донацијата. (Фото: Германска амбасада)

    Германската амбасада во земјава денеска донираше лабораториски фрижидер за презервација на коски и коскени ткива кој ќе биде дел од Банката за коскени ткива на Одделот за трансплантација на Клиниката за ортопедија при ТОАРИЛУЦ. Фрижидерот во вредност од 414.156,00 денари  (6.500 евра) е донација од програмата Мали проекти на Амбасадата. Парите се од буџетот на германското Сојузно министерство за надворешни работи.

    Од почетокот на коронакризата, Германија го поддржа македонскиот здравствен систем со околу 1,45 милиони евра.

    На Клиниката за ортопедски болести на 17 април, за првпат во историјата на македонското здравство беше направена експлантација на коски и коскени ткива од починат дарител, 20-годишната Верица Белчовска од беровското село Русиново.

    Ткивата од еден донатор може да го подобрат животот на над 70 други лица, а на некои од нив и да го спасат.

    Фрижидерот за трансплантација на Банката за коски и коскени ткива на Клиниката за ортопедија чини 6.500 евра. (Фото: Министерство за здравство)

    „Му честитаме на македонскиот медицински персонал, националниот координатор за трансплантација на органи и неговиот стручен тим за првите трансплантации на срце од минатата година па наваму, како и првата експлантација на коскени ткива од починат донор, со што беа спасени повеќе скапоцени човечки животи“, изјави германската амбасадорка Анке Холштајн.

    Банката за коскени ткива на Клиниката за ортопедија беше возобновена пред година и пол, со што за првпат досега се создадоа услови за почнување трансплантација на коски од починат дарител.

    „Она што беше само идеја во делот на проширување на Програмата за трансплантација пред две години, денес е реалност. Со мали, но сигурни чекори ја внесуваме мултиоргната трансплантација во здравствениот систем во земјава и со тоа отвараме едно ново поле. За лекарите тоа е поле за нови предизвици, за пациентите тоа е надеж за живот“, вели националната координаторка за трансплантација д-р Маја Мојсова-Мијовска.

    Според директорот на Клиниката д-р Александар Трајановски, стручниот колегиум на клиниката веќе прави подготовки за следните пациенти кои имаат индикации за трансплантација на коскено ткиво.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира