Моќно торнадо зафати неколку села во југоисточна Чешка, при што загинаа три лица, а повредени се најмалку 60. Силното невреме корнеше покриви и дрвја и превртуваше автомобили во најтешко погодените окрузи Брецлав и Ходонин.
„Ова е како воена зона, жив пекол“, изјави гувернерот на Јужна Моравија, Јан Гролих, откако ја посети областа.
Во спасувањето учествуваат екипи од Чешка, Словачка и Австрија.
„63 лица се превезени во болница, од кои десет имаа тешки повреди. Тројца подоцна починаа“, изјави портпаролката на итните служби на Јужна Моравија, Михаела Ботхова, додавајќи дека не е исклучено да има уште жртви.
Торнадото уништи половина од селото Хруски.
„Црквата остана без кулата, основното училиште без покривот, а од некои куќи останаа само ѕидови. Местото изгледа како бојно поле“, изјавија локалните власти.
Министерот за внатрешни работи Јан Хамачек ја опиша ситуацијата како многу сериозна и прогласи вонредна состојба во регионот.