Во скопската населба Капиштец, делот спроти трговскиот центар „Зебра“ и под улицата Водњанска, згради се градат на секој чекор. Овој дел од населбата е претворен во големо градилиште. На местото на куќите никнуваат згради со пет и шест ката. Тесните и мали улички се окупирани со градежни материјали и механизација и често се непроодни. Бетономешалките го блокираат сообраќајот без најава. Без регулиран сообраќај возилата не можат да поминат, оти на неколку метри одалеченост се градат истовремено неколку згради на различни инвеститори. Зградите се залепени една до друга и буквално прозорците и терасите гледаат во станот на комшијата од соседниот објект.
Овој дел од Општина Центар или Деталниот урбанистички план Ј07 не беше ставен под мораториумот односно никогаш не се почна негова измена, бидејќи, како што вели градоначалникот Саша Богдановиќ, бил донесен 2014 и е усогласен со Генералниот урбанистички план.
„Планот е донесен во времето на мојот претходник Андреј Жерновски по донесување на Генералниот урбанистички плани 2012-2022. Тоа значи дека планот е усогласен со ГУП-от и нема прекршувања на таа одредба како другите планови кои ги стававме под мораториум, односно кои не беа усогласени со Генералниот план“, вели градоначалникот Богдановиќ.
На нашето прашање дали ваквиот начин на градба каде прозорците на една зграда гледаат во станот од другата е планското градење за кое се залага оваа власт и тој како градоначалник, ни одговори дека Општината изминатите години се борела да ги смени лошите планови и практики за градба кои се втемелени од минатите власти.
Во моментов во Општина Центар нема мораториум за градба, па сега слободно може да се гради на сите локации низ Центар, а во повеќето според Деталните планови донесени од ВМРО-ДПМНЕ.
Богдановиќ вели дека Општината и понатаму работи на промена на сите ДУП-ви кои беа опфатени со мораториумот иако на сила не е забраната за градба.
А. АНТЕВСКА