ШИЛЕГОВ РАЗМИСЛУВА ЦЕЛОСНО ДА ЗАБРАНИ ДВИЖЕЊЕ НА КОЛИ НА НОВИОТ КЕЈ ОД 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА, ОД „ТЕЛЕКОМ“ ВЕЛАТ НИВНИТЕ 20 КОЛИ НЕМА НИКОЈ ДА ГИ ВИДИ

    ШИЛЕГОВ РАЗМИСЛУВА ЦЕЛОСНО ДА ЗАБРАНИ ДВИЖЕЊЕ НА КОЛИ НА НОВИОТ КЕЈ ОД 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА, ОД „ТЕЛЕКОМ“ ВЕЛАТ НИВНИТЕ 20 КОЛИ НЕМА НИКОЈ ДА ГИ ВИДИИако кејот е целосно реновиран, поставен е комплетно нов плочник и инвестицијата чини околу 1,5 милиони евра, според одлуката која е на сила низ него и понатаму ќе поминуваат коли, односно возилата на „Телеком“. (Фото: К. Попов)

    Град Скопје привршува со реконструкцијата на кејот 13 Ноември на Вардар во строгиот центар на градот. Во моментов се поплочува шеталиштето во делот кај хотелот „Холидеј ин“, по што ќе следува поставување нови канделабри и урбана опрема. Според најавите од Градот, кон средината на наредниот месец кејот целосно ќе биде готов и пуштен во употреба.

    Иако кејот е целосно реновиран, поставен е комплетно нов плочник и инвестицијата чини околу 1,5 милиони евра, низ него и понатаму ќе поминуваат коли, односно возилата на „Телеком“. Со тоа, споредено со другите главни градови, шеталиштето во строгиот центар на Скопје ќе биде единствено  каде е дозволено слободно движење на коли.

    САКАМДАКАЖАМ.МК ги праша градоначалникот Петре Шилегов и претседателот на бордот на директори на „Телеком“ Зоран Китанов, кадар на СДСМ и ексдиректор на Јавното претпријатие за државни патишта, дали сметаат дека е во ред откако ќе се реновира кејот коли да си возат низ шеталиштето и не можат ли да најдат начин тоа да не се случува.

    „Градот размислува во целост да го затвори шеталитето на кејот за движење на возила. За жал, оваа лоша и нелогична одлука ја наследивме од минатото раководство на Градот, кое дозволи среде кеј да има улица. Работиме на тоа да најдеме решение“, вели Шилегов.

    Китанов, пак, вели „Телеком“ нема да се откаже од користење на кејот, бидејќи тоа е единствен начин за да стигнат до нивната подземна гаража. И тој вели дека лошите политики на минатата власт се причина за вакви решенија.

    „Нема друг начин возилата кои носат опрема да влезат во подземната гаража. 20 службени коли на ‘Телеком‘ не се проблем, никој нема да ги види. Проблем е што за некој месец ќе почнат да се издаваат картички на еден, друг, трет, ќе влегуваат камиони за дотур, газдите на кафулињата ќе бараат да ги паркираат колите и така настанува хаосот. Јас му предложив на градоначалникот Шилегов овие 20 коли на ‘Телеком‘ да имаат дозвола за влез наутро од 8 до 9 и попладне од 15 до 16.30 часот“, вели Китанов.

    „Телеком“ ја купи зградата од фирмата „Дивелоп груп“, која ја градеше на оваа атрактивна локација во центарот на градот. Град Скопје имаше обврска да изгради подземна сообраќајница за пристап на возилата, но, во 2012 со промена на Деталниот урбанистички план Мал Ринг, улицата стана надземна односно беше нацртана среде кејот меѓу терасите на кафулињата. Оттогаш, низ кејот не само што минуваа возилата на „Телеком“ туку слободно минуваше кој стигне, а колите се паркираа среде шеталиштето.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира