Во земјава нема вирус во циркулација, маски во затворен простор нема да има потреба да се носат во август, смета епидемилогот проф. д-р Драган Даниловски, раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика. Говорејќи на денешната трибина „Вакцинација и предизвици против ковид-19“ организирана од Министерството за здравство, д-р Даниловски ја оцени ситуацијата со ковид-19 во земјава како неочекувано извонредно поволна, од причина што објективните показатели за еваулација на епидемиолошката состојба се извонредно поволни.
„14-дневната инциденца или нов број на 100 илјади жители кај нас е 7, а според Европскиот центар за контрола на болести, 20 е границата под која се прогласува најниско или најповолно ниво за епидемиолошките ризици. Ако процентот на новозаболени 2 недели е под 3 отсто, се прогласува зелена зона. Кај нас повеќе од 2 недели таа стапка е под 1 отсто, дури последнивне денови е 0.3 насто. Тоа е нешто што би го сместил во доменот на статистичка грешка. Ние практично немаме вирус во циркулација“, рече епидемиологот.
Но, додава дека овие бројки се однесуваат за британскиот сој, додека индискиот (делта) е сосема друга приказна. Делта варијаната, рече тој, ја има во 92 земји, и нема да нѐ избегне ниту нас. Овој сој е продорен и потребен е колективен имунитет од 85 отсто. Според него, вакцините против ковид-19 нема да дозволат тешки симптоми и умирања.
„Сега нема потреба од никакви рестрикции, останува одлуката на здрав разум, на личната мудра цивилизациска одлука секој да носи маска во затворен простор. Маска нема да има потреба да се носи кога за 28 дена нема да имаме ниту еден случај, а тоа ќе биде во август. Дотогаш треба да се носи маска“, додаде тој.
На новинарско прашање кога ќе се дозволат свадби во затворен простор, министерот за здравство Венко Филипче кажа дека постои огромен притисок од лицата кои сакаат да организираат свадбени прослави.
„Епидемиолозите во Комисијата за заразни болести се поделени по тоа прашање. Едни се против, а едни сметаат дека треба да има свадба во затворено со ограничен број на гости. Деновиве ќе се разговара за тоа прашање“, кажа Филипче.
Б. НЕСТОРОСКА