Паркингот спроти поранешно „Беко“ со кој стопанисува ЈП „Градски паркинг“ поскапе. Отсега првиот час ќе биде 100 денари, а секој нареден по 50. Досега паркирањето чинеше 50 денари за еден час.
Директорот на ЈП „Градски паркинг“ Борче Јакимовски вели дека поскапувањето е да се намали метежот во овој дел и да се натераат граѓаните да паркираат во катната гаража „Беко“ која е отспротива.
„Овој паркинг го изедначуваме со оној на улица Максим Горки. Бидејќи станува збор за строг центар на градот, а има многу гужва ја донесовме оваа нова цена. Со тоа сакаме граѓаните да ги насочиме да се паркираат во катната гаража каде еден час е 30 денари“, вели Јакимовски.
Лани во декември за пет денари поскапеа сите зонски паркинзи со кои стопанисува јавното претпријатие „Градски паркинг“. Еден час паркирање во зона А наместо 45 чини 50 денари, во зона Б наместо 35 е 40 денари, додека во зоните Ц и Д од 25 поскапе на 30 денари. Нова цена имаат и месечните паркинг карти во катните гаражи за вработени и фирми кои гравитираат околу паркингот. Наместо 1.000 денари, цената од декември лани е 2.000 денари.
А. АНТЕВСКА