Нов Детален урбанистички план (ДУП) кој ќе биде донесен на меѓународен конкурс, а граѓаните да избираат меѓу трите најдобри решенија на референдум, побараа денеска на протестот жителите на Расадник во скопската Општина Кисела Вода. Сегашниот ДУП предвидува изградба на околу 100 нови згради на последното големо зеленило во Скопје, на само 2 километри од центарот на градот, со што дополнително ќе се загрозат и онака лошите и нехумани услови за живеење во овој дел од општината. Истовремено, тие бараат и минимум 40% јавно зеленило на просторот, катни гаражи, градинки, спортски терени, детски игралишта, училишта, поликлиника, велоспипедсски патеки.
Со протестот под мотото „Стоп за бетонизацијата на Расадник и Кисела Вода“, жителите бараат да престане безочната бетонизација на населбата и да се почитуваат уставните норми и закони за здрава животна средина. Тие го повикаа градоначалникот Филип Темелковиски да ги исполни ветувањата од неговата изборна програма за исполнување на правото на чист воздух и на светлина како загарантирани основни човекови права.
„Бараме ДУП кој ќе овозможи цивилизиран и културен развој и живот за идните генерации. Бараме парк, зеленило, спортски и забавни содржини, велосипедски патеки, градинки и училишта и се друго што ќе придонесе за унапредување на животот во кисела Вода“, велат од Иницијативата „За Расадник на можности за хуман живот во Кисела Вода“ по неколкугодишните неуспешни преговори со Општината за хуманизирање на ДУП-от за Расадник и додаваат дека не се против урбанизација, но се против урбанистички терор и градење бетонска џунгла.
Со новиот Детален урбанистички план (ДУП) за Расадник на Општина Кисела Вода предвидената површина за домување е 943.771 метри квадратни, што е спротивно од Генералниот урбанистички план (ГУП), каде стои дека површината за домување треба да е 260.000 метри квадратни. Ова го покажува анализата направена од стручни лица, архитекти, урбанисти и правници, пријатели и припадници на иницијативата „За Расадник на можности“, кои новиот ДУП за Расадник го сметаат за штетен и мегаломански, кој неколкукратно ги надминува сите параметри на хумано живеење, односно има надминување на параметрите од ГУП-от за 683.771 метри квадратни.
Просторот на Расадник сега е празен и неизграден. Според спорниот ДУП, засега од нацртаните 100 згради во Расадник избришани се маркички само за три, а на пет е намалена катноста. Од Општината велат дека трите згради се избришани бидејќи се наоѓаат во заштитена зона односно на траса на далекувод, а останатите згради остануваат со катност од 6 до 13 ката и треба да донесат уште над 8.000 жители.
Во анализата на Иницијативата се вели дека согласно параметрите од ГУП-от за Ј14 Расадник, максимален дозволен број жители е 8,000 жители, додека со ДУП-от согласно стандардите за метри квадратни по жител се предвидени 29.039 жители, што е исто како град со големина на Кочани или Кичево, но на неспоредливо многу помала површина. Ова е надминување на параметрите од ГУП-от за 21.039 жители. Просечниот број на семејства е 2.222, додека со ДУП-от согласно стандардите се предвидени 8.066 семејства.
Од Иницијативата објаснуваат со деталниот план на поедини сопственици дадена им е можност со учество од 30 % сопствено земјиште по пат на дооформување, а на штета на државното земјиште, да се стекнат со илјадници метри квадратни државно земјиште. Од таму прашуваат зошто ако веќе мора земјиштето да е со намена А – Домување, тогаш на катастарските парцели кои се во сопственост на Република Македонија мора да се нацртаат згради, а не куќи.