На Клиниката за Урологија утрово започнаа две трансплантации на бубрези од почината донорка, по направената експлантација на органите која заврши во доцните ноќни часови, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК националната координаторка за трансплантација д-р Маја Мојсова-Мијовска.
Станува збор за 33 годипна жена која настрадала во тешка сообраќајка во центарот на Скопје пред десетина дена.
Срцето не било трансплантирано поради претрпената траума по сообраќајката.
Ова е четврта по ред трансплантација од месец април до сега. Само годинава се направени три трансплантации на срце и осум трансплантации на бубрези од починат донор.
„Благодарение на хуманоста на семејството на донорот и нивната одлука да се донираат органите, двајца пациенти на дијализа добија шанса за нов живот. Министерот за здравство Венко Филипче упатува неизмерна благодарност до ова храбро семејство кое уште еднаш ни покажа дека е возможно живот да се подари“, соопштија од Министерството за здравство.
Првата трансплантација на срце од починат донор беше направена лани на 23 мај, кога во сообраќајка настрада 43-годишната Емилија Динева од Стар Дојран.
А. АНТЕВСКА