Речиси помина првиот мандат на скопскиот градоначалник Петре Шилегов, а Скопје не доби комунална полиција. Веднаш по доаѓањето на функцијата, Шилегов изјави дека ќе бара од Владата и Собранието да се донесе закон за комунална полиција, со што ќе се стави ред во градот. Но, не само што не е формирана комунална полиција, не е донесен ниту законот за да може да функционира.
Градоначалникот Шилегов вели дека Град Скопје не е институција која носи закони за да може да го донесе законското решение и се надева дека после локалните избори ќе биде формирана полицијата.
„Ние изготвивме еден текст, предаден е во Влада и треба 17 институции да дадат мислење, оти има преземање на ингеренции од други институции. Текстот на законот месецов треба да ја помине владината постапка и да се даде во Собрание. Мојата идеја е да им се даде можност на градоначалниците да ја создадат таа полицијата на почетокот на новите мандати односно после изборите во октомври“, вели Шилегов.
Според предложеното решение од Град Скопје, ингеренциите и надлежностите на комуналната полиција треба да бидат налик на Белград. Ќе биде надлежна за сè што е во надлежност на Град Скопје. Ќе казнуваат за фрлање ѓубре, за погрешно паркирање, узурпирање на јавна површина, за градби, диви пазарџии, тезги и слично.
Според искуствата од Белград на 5.000 жители потребен е еден полицаец, што значи на Скопје му требаат од 100 до 120 комунални полицајци.
А. АНТЕВСКА