Портпаролот на СДСМ Коста Костадинов денеска изјави дека неговата партија ќе ја прифати резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ за црвени линии во преговорите со Бугарија. Костадинов, кој е и пратеник, рече дека ќе ја прифатат резолуцијата таква како што ја виделе од медиумите.
„Позициите на СДСМ во однос на македонскиот јазик и идентитет се кристално јасни и многупати досега потврдувани и кажани во јавноста. Македонските идентитетски линии им се јасни на сите и на нашиот народ и на целата меѓународна јавност. Доколку Христијан Мицковски и ВМРО ДПМНЕ не се сигурни во тоа, ако им треба потврда и во Парламентот, ние како конструктивно парламентарно мнозинство без никаков проблем може да направиме и таков чекор и ќе ја прифатиме резолуцијата таква каква што е каква што всушност и видовме од медиумите. Затоа што официјален предлог до нас како пратеници нема“, рече Костадинов на прес-конференција.
По изјавата ја Костадинов, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски го поздрави чекорот на СДСМ и се заблагодари на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА за нивниот придонес во создавање на текстот на оваа резолуција.
Претходно од ВМРО-ДПМНЕ кажаа дека до Собранието ќе поднесат резолуција со која јасно ќе се дефинираат позициите на Македонија по однос на идентитетските обележја кои се предмет на негација.
Денеска во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ и Левица му поднесоа и интерпелација на претседателот на Собранието Талат Џафери. Опозицијата вели дека Џафери го прекршил Уставот со тоа што се обратил на албански јазик во Европскиот парламент и додава дека е противзаконски и противуставно што собраниските материјали ги доставува на сите пратеници двојазични, а не само на пратениците Албанци.
Според собранискиот Деловник Џафери има 15 дена да достави писмен одговор до пратениците, а по истекот на овој рок, мора да ја стави на дневен ред на првата наредна седница на Собранието.