Израел пријави пад на ефективноста на вакцината на „Фајзер/Бионтек“ во спречувањето на зараза и симптоматски ковид-19, но додаде дека таа и натаму дава висока заштита од сериозно разболување. Овој пад се поврзува со ширењето на делта варијантата на коронавирусот и со укинувањето на мерката за социјално дистанцирање во Израел.
Делотворноста на вакцината против зараза и симптоматски ковид-19 паднала на 64% од 6 јуни, објави министерството за здравство. Во исто време, вакцината давала 93-процентна заштита од хоспитализација и сериозно разболување од коронавирусот.
Од министерството не кажаа кое било претходното ниво, но Израел во мај објави дека две дози од вакцината на „Фајзер“ даваат заштита од зараза, хоспитализација и сериозно разболување од 95%.
Од „Фајзер“ не ги коментираа последните наводи од Израел, но велат дека истражувањата покажуваат дека антителата што ги создава вакцината би требало да ги неутрализираат сите тестирани варијанти на коронавирусот, па така и делта, иако можеби со намалена сила.
Околу 60% од 9,3 милиони жители на Израел имаат примено барем една доза од вакцината на „Фајзер“, што придонесе бројот на новозаразени да падне од 10.000 на една цифра. Сепак, во неделата се регистрирани 343 нови случаи на коронавирус, а бројот на сериозно болни порасна од 35 на 21.