Слаб одзив има кај жителите на Горно и Долно Јаболчиште на денешната теренска вакцинација за заштита од ковид-19. Иако двете населени места, со албанско население, бројат заедно околу пет илјади жители, се вакцинирале само три лица.
„Во Горно Јаболчиште имаше три лица кои се вакцинираа, а во Долно Јаболчиште немаше никој. Иако за теренската вакцинација жителите на двете населени места беа запознаени преку Месната заедница, матичниот доктор, преку училиштето, не се појавија да се вакцинираат. На повеќе локации во двете места, ставивме известување, дека кој сака може да се вакцинира, може да дојде без термин наредните денови во Велес“, рече кажа д-р Марина Тодоровска, која беше на теренска вакцинација во овие два населени места.
Екипа била и во село Дреново, каде се вакцинирале шест лица, додека останатите жители на селото веќе биле вакцинирани. Според податоците кои ги објавуваат надлежните институции, во Долно и Горно Јаболчиште починале најмалку две лица, по компликации од ковид-19.
Жителите имаат објаснување зошто толку мал интерес.
„Ние сакаме да се вакцинираме со ‘Фајзер’, не со ‘Синовак’. Потребна ни е таа вакцина за да можеме да патуваме во Европа, оти кинеската никој не ја признава“, велат жителите. На прашањето дали се вакцинираат за да патуваат или за да се заштитат себеси, не одговорија.
Вчера, кога започна теренската вакцинација, во пет велешки села: Отиштино, Бањица, Раковец, Бусилци и Еловец. Од нив само во две села, Еловец и Бањица се вакцинирале вкупно 17 лица, додека во останатите немало интерес, бидејќи во Раковец живееле двајца, а во Бусилци еден жител.
Жителите на Лозово вчера покажаа голем интерес за теренската вакцинација со 42 вакцинирани лица за период до два часа.
Од вчера Велес и велешко нема активни случаи на коронавирусот. Во Велес првите три случаи на заболени од коронавирус беа регистрирани на 25 март лани и од тогаш сѐ до вчера постојано имаше активни случаи.
Најмногу имаше 693 пациенти на 23 март годинава. Починати се 175 лица по компликации од ковид-19, а заразени беа 5.474 граѓани.
П. ПЕЧКОВ