Од свадба и семејна прослава е зголемениот број случаи на ковид-19 последните денови во Тетово. Во моментов, во Тетовскиот Регион активни се 65 случаи, а најголем дел од нив се од два кластери создадени од прослави. Денеска во земјава беа регистрирани 21 нов случај на ковид-19, од кои 11 од Тетово. Од Министертсвото за здравство велат дека активно ја следат епидемиолошката состојба во Тетово, но имаат проблем оти заразените не даваат податоци за контактите.
„Првиот кластер е од свадба, а вториот е повеќечлено семејство кое исто така било на мала семејна прослава. Она што загрижува и со што се соочиле здравствените работници е што некои од ковид позитивните пациенти не давале точни податоци и информации за контакти, за да може да се спречи создавање на кластери околу двата постоечки. Министерството за здравство апелира граѓаните да соработуваат со епидемиолозите, одбивањето на соработка од страна на пациентите прави потешкотии во спроведувањето на епидемиолошките анкети, а тоа може да доведе до голем број заразени“, велат од Министерството за здравство.
Од 65-те активни во Тетово, само 12 се со симптоми и нема хоспитализирани во Ковид-центарот во тетовската Клиничка болница. Досега не е детектиран делта сој, а лицата кај кои беше секвенциониран бразлискиот сој се ковид позитивни од јуни.
„И покрај мирната епидемилошка состојба во земјава, треба секој од нас да биде исклучително внимателен и да ги почитува протоколите и мерките за заштита на здравјето. Одржување лична хигиена на раце, држењето дистанца, носење маска е нешто што треба да биде лична одговорност на секого од нас. Апелираме дека мерките може да се променат и да се воведат рестрикции ако епидемиолошката состојба го наложи тоа.
Владата од 1 јули дозволи свадби во затворени простории со максимум 250 гости. Свадбите, крштевките и родендените беа забранети од лани на 23 јуни, поради високите дневни бројки на заболени од ковид-19.
Вкупно во земјава активни се 197 ковид болни.
А. АНТЕВСКА