Тимот графички дизајнери при Секторот за односи со јавноста во Владата се автори на логото за јубилејот 30 години независност на државата, вели владиниот портпарол Душко Арсовски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
Портпаролите на Владата, Арсовски и Муамет Хоџа денеска на прес-конференција го претставија логото кое ќе се користи по повод јубилејот – 30 години од независноста на државата. Логото било одобрено на синоќешната 87. седница на Владата.
Најголемите реакции во јавноста се за згрешеното знаме – дизајнот имплицира дека се 12 краци, а не 8 колку што има на знамето, но и за тоа што не е употребено уставното име на земјата – Република Северна Македонија, туку само Северна Македонија. Исто така, се реагира и на тоа дека логото всушност прави историски фалсификат – се чини дека се одбележува 30 години од името Северна Македонија (кое е сменето во 2018), а не 30 години од независноста.
Од Владата велат дека логото е составено од повеќе елементи, но потенцираат дека не го содржи државното знаме.
„На традиционалната, историски заснована, национална, црвена основа, обединети се симболите со кои се потенцира 30-годишнината од независноста. Сонцето, уставното име, меѓународниот МК код и бројот 30 раскажуваат за нашата државност. Логото не го содржи државното знаме. Сонцето кое е употребено во логото е различно од сонцето од државното знаме. Користењето на државното знаме е јасно уредено со Закон“, велат од Владата.
Оттаму велат дека и оваа, и други влади, за државни празници низ годините наназад, често користеле разни варијации на сонцето како симбол кој зборува за државноста на нашата земја.
Владата смета дека знамето на Република Северна Македонија има специфична државна вредност и дека истото не треба да се става во логоа за прослави, туку истото треба да се користи издвоено, засебно, чисто, со јасно истакнување на настани и исклучиво онака како што е пропишано со Законот за употреба на грбот, химната и знамето.
„Затоа, сонцето употребено во логото за 30-години независност е со поинакви и поголем број краци од сонцето од државното знаме“, велат од Владата и во прилог, како што велат, за полесен преглед, ни доставија примери на дизајни на логоа од јубилеи и прослави на државни празници низ годините наназад.
Една од најреномираните историчарки на уметност, Соња Абаџиева вели дека владиното лого за 30 години независност на Републиката треба да се исфрли, и дека во него има три фатални грешки.
„Елементарни непознавања, за ликовниот аспект не сакам ниту да зборувам. Голема дезинформација, зарем не гледате дека е пола знаме, каде е Републиката? Знаат ли да сметаат, 30 години ли сме Северна?“, вели Абаџиева.
Б. НЕСТОРОСКА