Почина Питер Р. де Врис, реномираниот холандски новинар кој истражуваше криминал, а кој беше застрелан минатата недела во дрзок напад во Амстердам, објави холандската телевизија РТЛ со која тој редовно соработуваше, цитирајќи изјава од семејството.
Де Врис (64), брзо стана најпознат новинар во Холандија. Тој беше столб за поддршка на семејствата на убиени или исчезнати деца, борец против неправдата и трн во око на гангстерите во сè понасилното подземје на холандската престолнина. Де Врис, кој беше нашироко фален за неговото бестрашно известување за холандското подземје, беше застрелан на 6 јули по редовниот настап во телевизиско шоу. Тој претхдно беше советник и доверлив извор на сведок во судењето на водач на криминална банда што полицијата ја опиша како „подмачкана машина за убиство“.
„Питер Р. де Врис беше секогаш посветен, жилав, не се плашеше од ништо и од никого. Секогаш барајќи ја вистината и застанувајќи во одбрана на правдата. И уште подраматично е што тој сега стана жртва на голема неправда“, рече премиерот Марк Руте.
За нападот се приведени двајца осомничени. Холандската полиција соопшти дека осомничениот убиец е 21-годишен Холанѓанец, а 35-годишен Полјак кој живее во Холандија е обвинет за возење на автомобилот за бегство. Тие беа уапсени кусо откако Де Врис беше ранет. Осомничениот водач на бандата Ридуан Таги, беше екстрадиран во Холандија од Дубаи во 2019. Тој останува в затвор додека му се суди, заедно со уште 16 други осомничени.
Холандскиот крал Вилем Александар минатата недела го нарече нападот врз Де Врис „напад врз новинарството, камен-темелник на нашата уставна држава и како таков, напад на владеењето на правото“.