Собранието денеска по скратена постапка ги изгласа измените на Законот за данок на додадена вредност, со кои данокот на електричната енергија за домаќинствата се намалува од 18 проценти на пет отсто до 30 јуни 2022 година. Со овие измени, од 1 јули 2022 година до 30 јуни 2023 година данокот на струја за домаќинствата ќе изнесува 10 отсто, а потоа ќе се врати на 18 отсто.
Владата ги предложи овие законски измени за да се амортизира поскапувањето на електричната енергија, откако Регулаторната комисија за енергетика на крајот на минатиот месец донесе одлука таа да поскапи за 12,36 отсто.
Денеска Собранието по скратена постапка го усвои и Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија.
Овој закон е донесен откако Владата потпиша Меморандумот со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола.