Откако се побуни поранешната специјална обвинителка Ленче Ристоска и побара објаснување зошто мнозинството во Советот на јавни обвинители гласаше против нејзино унапредување во април и не доби одговор, Советот забрани јавно зборување на незадоволен обвинител.
За првпат се воведува ваков член во Кодексот: „Јавните обвинители нема да ги коментираат во јавноста одлуките донесени од Советот на јавните обвинители на Република Северна Македонија“. Оваа новина е во член 10, став 6 од Кодексот.
Ристоска го критикуваше Советот во април, кога беа унапредувањето и изборот на јавни обвинители, а веќе во мај осамна нов Кодекс на јавните обвинители, кој е полн со цензура.
„Оваа одредба е внесена во кодексот во мај 2021 година, откако после изборот на јавни обвинители во април 2021 година, јас како јавен обвинител изразив незадоволство од недостатокот на транспарентност и нејасноста на критериумите по кои членовите на Советот се раководеле при изборот“, рече Ристоска на вчерашната дебата за корупција во судството и во обвинителството.
Таа уште еднаш потсети на нетранспарентниот избор и на тоа дека две недели пред да се гласа, се знаеја имињата на тие што ќе бидат избрани во Вишото обвинителство и во Обвинителството за организиран криминал.
Таа праша: „Како ќе се бориме против корупцијата во своите редови ако вака се замолчуваат обвинителите?“
Забраната за коментирање и давање изјави во јавноста Кодексот ја проширува и во релацијата на обвинителите со јавниот обвинител на Република Северна Македонија, па вели: „Обвинителите нема да ги коментираат во јавноста заклучоците, ставовите, препораките, мислењата, упатствата и други одлуки донесени од Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, стручниот колегиум или донесени на состаноци на јавното обвинителство“.
Со новиот кодекс, толку од независноста на обвинителите. Тие ќе мора да слушаат и да постапат како што ќе им каже претпоставениот, без приговор и за тоа нема да смеат да писнат во јавноста, дури и ако надредениот им се меша во работата.
Тоа е запишано во член 10 став 4 од Кодексот: „Јавните обвинители кога ќе примат од повисокиот јавен обвинител напатствија за постапување во одредени предмети, ќе се воздржат за тоа да даваат известувања или коментари на други“.
Натаму, во истиот член се бара пиле да не му прелета на шефот. Надредениот мора за сè да биде информиран и да биде како ќе каже тој. За тоа каде ќе одат, што ќе прават, мора да го известат и да добијат дозвола од шефот, ако тоа не било уредено со закон.
„Јавните обвинители пред преземање какви било работи надвор од јавното обвинителство, а кои не се регулирани со одредбите од Законот за јавното обвинителство, мора да го известат за тоа претпоставениот односно повисокиот јавен обвинител и да постапуваат во согласност со добиеното мислење.
Кодексот на Советот на јавни обвинители, бара и обвинителите да ги исклучат своите мозоци.
„Јавните обвинители се должни да ги применуваат задолжителните писмени упатства или усмените укажувања дадени од повисоките јавни обвинители“, се наведуваат обврски во новиот Кодекс на обвинителите.
Освен што ваквата одредба е, благо кажано, излишна, бидејќи како би биле задолжителни упатствата или укажувањата ако никој не е должен да ги примени, таа е и спротивна на Законот за јавно обвинителство, според кој е забрането повисоките јавни обвинители да им се мешаат во работата на предметните обвинители.
„Ваквите одредби од кодексот се спротивни на член 3 став 3 од Законот за јавно обвинителство, кој вели дека принципите на хиерархија и субординација не смеат да ја загрозат самостојноста и одговорноста на секој јавен обвинител во вршењето на функцијата, понатаму на член 7 став 3 и конечно на член 96 став 4 од Законот, кој изречно забранува јавниот обвинител на РСМ и јавните обвинители на јавните обвинителства да не може да донесуваат упатства и насоки кои се однесуваат на работа на конкретни предмети на јавните обвинители“, праша обвинителката Ристоска.
Обвинителството има многу низок рејтинг, исто како и судството, се движи меѓу 2 и 3 проценти на граѓани кои целосно му веруваат. Тамам почна да се отвора и да станува транспарентно, тамам обвинителите се опуштија во изјави пред граѓаните за да им кажат нешто за својата работа, сега нема да смеат да даваат изјави.
Со новиот кодекс во членот 17 се воведува изрична забрана за давање изјави на обвинители во врска со судењата во кои се странки. Не смеат надвор од судница збор да кажат во врска со судењето, следува дисциплинска постапка против нив, колку и новинарите да трчаат по нив за изјава.
Член 6, пак, забранува коментари и изјави за истрагите по кои обвинителите постапуваат, воопшто.
„Ова е во директна спротивност во членот 8 од Законот за јавно обвинителство, кој ја промовира транспарентноста како еден од основните стандарди и пропишува обврска Јавното обвинителство да ја информира јавноста, за одделни случаи по кои постапува, а кои предизвикуваат поширок интерес во јавноста или се од значење за остварување на неговата функција“, предупреди Ристоска на противзаконските забрани кои им ги воведе Советот на јавни обвинители.
Сите овие одредби од Кодексот пропагираат целосна затвореност на обвинителство и се спротивни напорите за транспарентност, како една од клучните алатки за борба против корупција, рече таа.
За Кодексот се планирани обуки во владината стратегија за антикорупција.
„Споменати се обуки, па еве ќе запрашам, во контекст на одредбите кои ги посочив, како би изгледале тие обуки? Како се обучува некој да молчи и ништо со никој да не споделува?“, праша Ристоска.
С. К. ДЕЛЕВСКА