Новиот македонски амбасадор во Јапонија Горан Цеков вчера ги предаде акредитивните писма на јапонскиот цар Нарухито, со што официјално ја презеде функцијата вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Јапонија. Цеков е вториот македонски амбасадор во Јапонија, првата беше Андријана Цветковиќ.
„Традиционалната свечена церемонија се одржа во Империјалната палата во Токио со највисоки почести, согласно државниот протокол за прием на нови амбасадори во Јапонија. На настанот присуствуваше и министерот за одбрана на Јапонија Нобуо Киши, кој по свечената церемонија ми честиташе, при што изрази желби за натамошно развивање на билатералните односи меѓу двете пријателски земји“, вели амбасадорот Цеков.
Амбасадорот Цеков од 1996 е кариерен дипломат во Министерството за надоворешни работи (МНР). Бил на служба во Мисијата при НАТО во Брисел од 2003 до 2007, од 2010 до 2014 во Амбасадата во Осло, Норвешка, а во 2019 беше в.д. шеф на Мисијата во НАТО во Брисел. Тој е син на Јордан Цеков-Дане, учесник во Народноослободителната борба од 1941, командант на Третата македонска ударна бригада со која на 13 ноември 1944 учествувал во ослободувањето на Скопје, кој почина лани на 98 години.