„Незамисливо и неповторливо беше искуството во Кан“, вели македонската режисерка Марија Апчевска чиј краток игран филм „Северен пол“ вчера имаше премиера во конкуренцијата за Златна палма на 74. Кански фестивал. Во фестивалската палата вчера претпладне се прикажаа заедно сите 10 краткометражни филмови во официјална конкуренција за наградата, а победниците ќе бидат објавени денеска.
Ова е првпат македонски филм воопшто да е во трката за Златната палма. „Северен пол“ е избран меѓу 10-те кандидати за престижната награда од пријавените 3.739 филмови. Во селекцијата куси филмови, има и дела од Бразил, Данска, Кина, Франција, Хонгконг, Иран Португалија и првпат од Косово. Победникот ќе биде објавен вечерва на свеченото затварање на фестивалот.
Како што објави на Фејсбук Агенцијата за филм на Северна Македонија, на проекциите присуствуваа сите филмски екипи на селектираните филмови, а на сцена биле претставени и режисерите, по што биле поздравени со долг аплауз.
„Салата ‘Дебиси’ беше преполна со публика, од која имаше одлични реакции за нашиот филм“, вели Агенцијата. Во македонскиот тим за Кан се и продуцентот Роберт Насков, актерката Антонија Белазелкоска, како и многубројна екипа од Агенцијата.
Апчевска го снимаше 15-минутниот филм во јануари во Скопје и Македонска Каменица, по нејзино сценарио, а во продукција на „Кино Око“. Главните улоги ги играат Белезелкоска и Лука Митев. Директор на фотографија е Владимир Самоиловски, сценограф Кирил Спасески, а костимите се на Билјана Гргур.
Филмот е копродукција помеѓу Македонија и Србија. Продуцент е Роберт Насков, а копродуценти Милош Љубомировиќ и Горан Тодориќ. Беше поддржан со 2,2 милиони денари (околу 35.000 евра) од македонската Агенција за филм на конкурсот во 2019.
По наградуваниот „Бардо“ (2012) и „Амби“ (2017), ова е трет краток филм на Апчевска.
Б. НЕСТОРОСКА