Од вчера попладне, целосно е затворен за сообраќај мостот на реката Пчиња во селото Доброшане на регионалниот пат Куманово-Свети Николе, кој веќе една година се реконструира. На коловозот е поставена светлосна сигнализација за забрана за движење, а на двете страни на мостот е истурена ризла која ги спречува возилата да поминуваат.
Забраната за движење во наредните 100 дена вчера ја објави АМСМ, без претходна најава од надлежните која е причината.
„‘Синтек инженеринг‘ известува дека поради санациски работи, мостот на реката Пчиња во Доброшане во наредните 100 дена ќе биде затворен за сообраќај. Се поставува сигнализација која ќе го регулира сообраќајот од и кон Куманово“, беше објавено на сајтот на АМСМ.
Граѓаните кои ги сретнавме на мостот кажуваат дека сообраќајот е прекинат вчера околу 14 часот, по што возилата од двете страни се враќаат назад или го користат селскиот пат кој поминува под мостот и преку селото Шупли Камен излегува на магистралниот пат. Тие се жалат дека патот е многу ископан и по него можат да се движат само џипови. Не е обележан и нема поставено табли каде се вклучувањето и исклучувањето, па ретко кој знае дека може да го користи.
Револтирани се и жителите од околните села бидејќи немаат друг пристап до дома. Проблеми при враќање од работа вчера имале и вработените во затворот К`шње, кои комбето ги оставило пред мостот, па откако го поминале пешки, продолжиле со автомобили.
Која е причината за затворањето на мостот, никој не знае. Санацијата на Искрин мост започна минатата година, а надлежните најавија дека рокот за завршување на целата интервенција е 24 месеци, до јуни 2022. Овој мост е еден од најдолгите во државата со должина од 335 метри, а Јавното претпријатие за државни патишта обезбеди околу два милиона евра за негова реконструкција.
Мостот е изграден пред 50 години и оттогаш не е поправан, ниту реконструиран, па се наоѓаше во очајна состојба.
С. НИКОЛИЌ