Убиството на 14-годишна девојка во Лас Вегас во 1989 година е решено со она што полицијата го опиша како најмалото количество на ДНК досега.
Убиството на Стефани Ајзаксон беше отворен случај сè додека нова технологија не овозможи да се тестира она малку што останало од ДНК на осомничениот, а што е еднакво на 15 човечки клетки. Полицијата го идентификувала убиецот, кој починал во 1995, со помош на геномско секвенционирање и јавни генеалошки податоци.
„Мило ми е што го открија убиецот на ќерка ми. Не верував дека случајот некогаш ќе биде решен“, изјави мајката на Стефани.
Телото на Стефани било пронајдено покрај патот по кој вообичаено одела на училиште во Лас Вегас. Истрагата утврдила дека била нападната и задавена.
Полицијата оваа година му се наврати на случајот откако доби донација од локален жител, по што повторно ги тестирала зачуваните ДНК остатоци во лабораторијата „Отрам“, кои изнесувале само 0,12 нанограми. Преку нив, полицијата успеала да идентификува роднина на осомничениот и на крај да најде совпаѓање на ДНК со Дарен Рој Марчанд. Тој никогаш не бил обвинет и извршил самоубиство во 1995.
„Отрам“ моментално работи на нерешени случаи кои датираат до 1881 година.