Стотици казни се изречени по протестот против коронамерките во Сиднеј, на кој демонстрантите маршираа и се судрија со полицијата. Премиерот Скот Морисон го опиша протестот како себичен и самопоразувачки, додавајќи дека тој немал никаква смисла и нема да придонесе за побрзо завршување на карантинот, кој е на сила во неколку сојузни држави во Австралија поради ширењето на делта сојот на коронавирусот.
Нов Јужен Велс, на кој му припаѓа и Сиднеј, денеска ја регистрираше втората најголема дневна бројка на новозаразени оваа година и властите стравуваат од нов бран на зараза откако илјадници луѓе се приклучија на протестот.
„Згрозена сум од протестот. Ми го скрши срцето. Се надевам дека тој нема да ја влоши ситуацијата, но би можел“, кажа премиерката на Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклијан.
Нов Јужен Велс потврди 141 нов случај на коронавирус, 22 помалку од вчера, како и двајца починати, меѓу кои и жена во 30-ти години. Ширењето, кое почна во јуни, се припишува на попреносливата делта варијанта, која ја стави на голем тест австралиската одбрана од пандемијата, која досега се сметаше за една од најдобрите на светот.
„Да бидеме јасни: нема алтернатива на карантинот во Нов Јужен Велс за да се стави ситуацијата под контрола. Не постои магичен куршум со кој би го решиле ова“, изјави Морисон.
Протести против коронамерките вчера се одржаа и во Франција, Италија и Грција.