СО ЗАЕВ И РАМА СОЗДАВАМЕ ИСТОРИЈА КОЈА ЌЕ СЕ ПРОУЧУВА, ВЕЛИ ВУЧИЌ

    СО ЗАЕВ И РАМА СОЗДАВАМЕ ИСТОРИЈА КОЈА ЌЕ СЕ ПРОУЧУВА, ВЕЛИ ВУЧИЌЗа денеска Вучиќ најави дека ќе бидат потпишани три важни договори за регионот. (Фото: Инстаграм/Александар Вучиќ)

    Српскиот претседател Александар Вучиќ кажа дека со македонскиот и албанскиот премиер, Зоран Заев и Еди Рама, создаваат историја која ќе се проучува во иднина, по работната вечера што ја имаа тројцата синоќа, пред денешниот Економски форум во Скопје.

    „Многу сум задоволен, кога влегував во просторијата реков дека овде се создава историја и дека ова ќе се проучува во иднина. Не сум сигурен колку ќе бидат сите среќни, но ние ќе бидеме среќни. Кога ќе тргнете за Грција ќе одите без граници, кога ќе одите во Албанија ќе можете без проблеми да ја поминете границата“, изјави Вучиќ за телевизијата „Пинк“.

    За денеска Вучиќ најави дека ќе бидат потпишани три договори со кои се предвидува брз проток на стока меѓу Србија, Албанија и Македонија, потоа помош и поддршка во природни катастрофи, како и укинување на работните дозволи и создавање на единствен пазар на труд.

    „Верувам дека ако за година-две дојдеме дотаму да немаме граници и да можат камионите можат слободно да поминуваат, како и автомобилите, тогаш сме постигнале нешто за што сме мечтаеле“, додаде српскиот претседател.

    На Економскиот форум ќе бидат присутни претставници на повеќе од 300 компании од трите земји, но и од повеќе други земји од регионот, како и претставници од меѓународните институции.

    На настанот ќе биде објавено и новото име на регионалната иницијатива која досега беше неформално нарекувана како „Мал шенген“.

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира