Пожарот во селото Кокино, Општина Старо Нагоричане е ставен под контрола откако хеликоптери на Армијата денеска напладне околу еден час се вклучиле во гаснењето на огнот. Хеликоптерите интервенираа откако утрово локалните пожарникари алармираа дека тие самите не можат да се справат со огнената стихија поради непристапниот терен.
Командирот на Противпожарната единица на Старо Нагоричане Далибор Трајковски, вели дека интервенцијата на хеликоптерите дошла во право време за да не се прошири пожарот кон боровата шума.
„Откако заврши воздушната интервенција ние се спуштивме до опожареното место, во долот и рачно гасиме. Пожарот релативно е ставен под контрола, нема големи пламени јазици, на некои места уште има мали жаришта. Да се надеваме дека времето ќе остане мирно и нема да дувне ветер кој ќе го разгори. Остануваме на терен да ја следиме состојбата и да интервенираме доколку е потребно“, изјави Трајковски.
Градоначалничката на Старо Нагоричане Жаклина Јовановска, која од вчера предпладне е на терен со пожарникарите, се надева дека наскоро ќе се стави крај на дводневната голгота. Таа вели дека е направена голема штета на шумата, но освен неколку напуштени куќи, нема пријави за штета во други домаќинства.
Јовановска изрази благодарност до сите пожарникари и претставници на другите институции кои учествуваа и несебично се залагаа во гаснењето на пожарите. Утринава на помош стигнал цел автобус пожарникари од Тетово, а од вчера на терен се пожарникарите на Скопје, Битола, Кавадарци.
Во пожарот изгореа 600 хектари високо квалитетна борова и дабова шума на потегот Малотино – Степанце – Кокино.
Пожарот ја зафати и мегалитската опсерваторија Кокино, но сè уште не се знае дали целосно или делумно е изгорена и какви штети се предизвикани.
С. НИКОЛИЌ