Владата на денешната седница го назначи Стојанче Ангелов за директор на Центарот за управување со кризи. Ангелов околу една година е на чело на оваа институција како вршител на должноста директор.
Ангелов на вчерашната прес-конференција за состојбата со пожарите рече дека е горд како се справиле тој и сите други институции со пожарот во Кочани, а за критиките кои се упатуваат кон него кажа дека се злонамерни и имаат дневно-политички карактер.
На владината седница донесена е одлука и да се наградат пожарникарите кои учествуваат во гаснење пожарите со по 10.000 денари.
„Од резервите на буџетот за 2021 година ќе се додели парична награда од по 10.000 денари за вкупно 300 лица од кои дел пожарникари, а дел останати граѓани кои помогнаа во гаснењето на шумските пожари, кои ја зафатија територијата на државата. Листата на граѓани кои ќе ја добијат наградата ќе биде утврдена во соработка со општините, Дирекцијата за заштита и спасување и Центарот за управување со кризи“, велат од Владата.